На неколку недели пред Велигденските празници, и годинава јајцата ќе се продаваат по невообичаено ниска цена. Ако лани цената ја урнаа косовските јајца кои се продаваа по пониска цена, сега живинарите велат дека проблемот е во зголеменото производство на домашен пазар, особено од нелегалните живинарски фарми.
Според пресметките на живинарите, годинава цената ќе биде уште пониска од лани. Така за една табла јајца ќе се движи од 180 до 200 денари, во зависност од класата, или од 5,8 денари до 6,45 денари за јајце. Лани истиот период цената на една табла јајца беше од 220 до 240 денари односно од 7 денари до 7,7 денари за јајце.
-Оваа година има големо производство на јаца. Дневното производство е над 1,5 милиони јајца, за разлика од лани сега имаме вишок од 200.000 до 500.000 јајца. Оваа година нема опасност од нелегален увоз како лани, но цената ја уриваат дивите фарми, кои немаат воведно ХАСАП сертификат, не прават испитувања за салмонела, а нудат пониска цена на јајцата, вели Вили Кичуков, претседател на Групацијата на живинари при Стопанската комора на Македонија.
Дали за Велигден ќе поевтини и јагнешкото месо?
Од здруженијата на одгледувачи на овци неодамна укажаа дека откупната цена на јагнешкото годинава за разлика од лани е пониска. Цената за килограм жива мера се движи околу 140 денари. Сточарите се револтирани и велат дека со ваква цена едвај може да се покријат основните трошоци.
Засега сéуште не е познато дали ваквата ниска откупна цена, ќе значи и намалување на малопродажната цена, но сепак дел од месарниците не ја исклучуваат можноста годинава цената на јагнешкото да биде нешто пониска.
Минатиот Велигден јагнешкото месо се продаваше по пониска цена во споредба со претходната 2012-та година. Цената на килограм јагнешко пред Велигден беше околу 299 до 320 денари.
Извор: Фактор