Одлучувачките тела на ЕУ (Парламентот и Советот) доцна вчера постигнаа договор за директивата наречена „рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот живот“ која за прв пат предвидува задолжително породилно отсуство за мажите.
Највпечатлив дел од компромисот е воведувањето на задолжително породилно отсуство за татковците од десет дена минимум во цела ЕУ. Породилното за мажите ќе изнесува онолку колку што чини ден боледување во секоја земја. Европскиот Парламент во преговорите бараше породилното за татковците да изнесува 80 отсто од бруто платата, но земјите членки одбија.
Директивата нема да може да се применува на хомосексуалните двојки кои живеат во земји каде ваквата заедница не се признава законски.
Друг тензичен аспект на оваа директива за време на преговорите било обичното родителско отсуство, неговото времетраење и можноста за трансфер од мајката на таткото.
Финалниот компромис предвидува минимум четири индивидуални месеци, од кои два не смеат да му бидат префрлени на другиот родител. Одлуката дел од породилното да не смее да се трансферира се должи на фактот што кога постои можност за префрлање на породилното, во најголем број случаи тоа се прави кон мајката.
Директивата предвидува да биде одреден минимален “адекватен“ износ за тие два месеца кои не смеат да бидат пренесени на другиот родител, но без повеќе детали, што значи дека во голем дел останува дискрециона одлука на секоја земја членка.