Заев ја официјализира оставката, почнуваат да течат роковите за избор на нова Влада


Премиерот Зоран Заев вчера до претседателот на Собранието, Талат Џафери ја достави најавената оставка на премиерската функција, која парламентарниот спикер треба да ја констатира, што според собраниски извори, ќе го стори пред денешната седница за пратенички прашања, со што почнуваат да течат уставните рокови за избор на нова Влада.

По оставката на премиерот, шефот на државата треба да го додели мандатот за состав на нова Влада. Согласно Уставот, претседателот е должен во рок од десет дена да го довери мандатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинството во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена, од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата, предвидува Уставот.

Се очекува парламентарното мнозинство за мандатар да го предложи новиот лидер на СДСМ и актуелен заменик министер за финансии Димитар Ковачевски.

По добиениот мандат Ковачевски во првата половина на следниот месец до Собранието би требало да ги достави програмата и предлогот за состав на новиот владин кабинет, по што би уследил избор на неговата влада на собраниска седница.

Во доставената оставка Заев наведе дека ваквата одлука ја презел како логичен чекор кој произлегува од исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати.

– Резултатите на последните избори, иако беа локални, за политичкиот момент во кој се наоѓа земјата имаа и национална политичка тежина. Во вакви услови, за мене лично и за мене како премиер, заради политиките во кои верувам, заради демократските и европските вредностите во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било јас лично да продолжам да ја водам Владата на евроатланскиот пат. Сметам дека друг премиер од редовите на СДСМ тоа ќе може да го оствари на подобар начин, со успех и за граѓаните и за државата. резултатите на последните избори, иако беа локални, за политичкиот момент во кој што се наоѓа земјата имаа и национална и политичка тежина, наведе Заев во оставката.

Тој потенцира дека со оставката и преземената одговорност сака да остави пример за да се препознаваат доблесните одлуки кога тоа е неопходно и со тоа да даде уште еден придонес во јакнење на демократскиот капацитет на народот, но исто така и на идните лидери за да бидат свесни за својата граѓанска должност кога ја преземаат грижата за својата земја.

– Затоа што демократијата значи и одговорност. Ова го направив и за да може да продолжи да се развива нашата западноевропска идеја и прогресивниот концепт во земјата да си создаде услови за сопствено освежување и зајакнување, а со тоа да не се дозволи да биде поразен на национално ниво – за да можат токму тие современи демократски сили да опстојат и да продолжат да се борат за напредокот на Македонија – во име на слободата, демократијата, различностите, добрососедството, НАТО и за полесно и побрзо да ги почнеме преговорите со ЕУ, наведува Заев.

Тој нагласува дека му било огромна чест што можел да служи и што ја имал довербата на мнозинството од народот во изминатите четири години.

– Особено сум горд на тоа што поддршката стигаше од сите етнички заедници, од целиот наш мултиетнички народ и што големата идеја за нашето „Едно општество за сите”, денес, полека, но сигурно почнуваат да ја прифаќаат и нејзините противници. Во сите предизвици има периоди на мир меѓу две битки, денови кога ентузијазмот ослабува, кога се соочуваме со неисполнување на тоа што се очекува и што е договорено. Но, едно е сигурно дека никогаш нема да има денови, ниту ситуации, кога тие моменти биле причина да се откажеме од остварувањето на нашата голема цел што си ја поставивме со сите наши граѓани само пред четири години, додава премиерот во оставка.

Заев потсетува дека за време на неговите мандати како премиер, беа донесени „историски одлуки поради кои Македонија наместо како „поранешна република“, без свое трајно и суверено потврдено место во друштвото на народите, го доби тоа што ѝ припаѓа според нејзиното достоинство и историски заслуги“.

– Тие одлуки овозможија Македонците и македонскиот јазик да бидат потврдени од целиот свет, а овој пат и од нашиот сосед и пријател, Република Грција. Сметам дека со тоа обезбедивме траен мир, безбедност, сигурност и трасиран пат за економски добробит на народот, потенцира Заев.

Тој им се им се заблагодарува на пратениците во Собранието, од овој и претходниот состав, на членовите на двата состави на Владата за време на неговите мандати и на граѓаните на нашата држава за изразената доверба на парламентарните избори, потоа и за поддршката за неговиот избор за премиер, со што „прифатија дека нема такви прашања за кои нема одговор додека постои волја за нивно решавање и додека постојат взаемни односи на искрена доверба и пријателство“.

– Времето ќе покаже дека оваа моја одлука е во согласност со мојата определба да бидам политичар кој презема одговорност за да бидат донесени тешки, но историски важни одлуки за добрата и сигурна иднина на нашиот народ и на државата, без притоа грижата за личниот политички рејтинг да ја ставам пред државните интереси. Посакувам благосостојба и просперитет на сите наши граѓани, на сите заедници, на целиот наш народ, завршува Заев.

Тој во поднесената оставка, која ја доставува врз основа на член 219 став два од Деловникот на Собранието, наведува дека истата нема усно да ја образложи.

Оставката на Заев денеска во годишното обраќање пред Собранието ја прокоментира и претседателот Стево Пендаровски, кој оцени дека тоа е неспорно чин што треба да се поздрави затоа што не се случува често во новите демократии.

– Факт е дека тој се повлекува кога неговата партија е на власт, а тоа е дијаметрално спротивна ситуација од 2017-та, кога не можевме да изведеме мирна транзиција на власта при оформено парламентарно мнозинство, што директно ги испровоцира настаните од 27 април, најголемиот срам за македонската демократија во историјата, истакна Пендаровски.

Сакале или не, како што посочи претседателот, политиката е дел од нашите животи, но, никогаш не смее да стане целиот наш живот.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1