Заев и Борисов се поклонија пред гробот на Гоце Делчев (ВИДЕО)


Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, се поклонија пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Заев порача дека на 114 години од Илинден и 73-годишнината од Првото заседание на АСНОМ изразува одлучна верба за јасна иднина.

„Има светла иднина за нашата Република Македонија и има иднина за секого во оваа наша убава земја. Историјата и минатото ги ставивме да бидат цврсти темели на коишто почнавме да ја градиме европската и евроатлантската иднинана РМ која што води до квалитетен живот. Го послушавме Делчев кој ни рече да не се губи времето. Се здруживме и ги подадовме рацеме помеѓу нас и создадовме пат кон развојот. За развојот се потребни доброволно подадени раце на граѓани и народи кои се потпираат и поддржуваат и така заеднички чекорат стабилно напред“, рече Заев.

Заев рече дека на Македонија ѝ треба стабилност и дека Македонија треба да покаже одговорност кон регионот.

„Затоа се здруживме заедно за да направиме чекор напред, бидејќи на Македонија и треба стабилност и развој. Борците од Илинден и од АСНОМ се нашиот завет, Македонија да ја чуваме и градиме заедно. Тој збор заедно е гаранција за иднината. Треба да покажеме одговорност кон себе и кон регионот за сите да одиме кон демократскиот свет“, рече Заев.

На свеченоста присуствуваа членови на владите и на парламентите на двете земји и претставници на политички партии и на дипломатскиот кор.

Со денешната церемонија на гробот на Гоце Делчев заврши дводневната посета на бугарскиот премиер Борисов на Македонија во чии рамки вчера беше потпишан Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1