Премиерот на Република Македонија Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас се меѓу фаворитите за Нобеловата награда за мир. Ова за грчката агенција АНА-МПА го изјави Виктор Нумелин, спрецијален уредник за Нобеловите награди на шведската новинска агенција ТТ.
– Тешко е да се каже кој е кандидат, а кој не е. Јавна тајна е дека имињата им се споменуваат за наградата. Секоја година се прават многу предлози и дискусии за наградата… Оваа година зборуваме многу за Корејскиот полуостров, за миграцијата, за ситуацијата меѓу Македонија и Грција и нивните меѓусебни преговори, изјави шведскиот новинар.
Тој нагласува дека многумина од членовите на Комисијата ќе сметаат дека „е идеално наградата за мир да биде дадена на премиерите на двете држави“.
– Би било идеално наградата за мир да им биде дадена на двајцата премиери од двете држави или на некој друг кој учествувал во преговорите, изјави Нумелин.
Тој, сепак, тврди дека нискиот одѕив на референдумот во Македонија ги прави работите потешки, иако ништо не е исклучено.