Заев: Максимална казна – јасна порака за случајот со девојчето од Домот „25 мај“


Премиерот Зоран Заев одговарајќи на пратеничко прашање во врска со последните случувања поврзани со штитеничката од домот „25 Мај“ рече дека е поддржувач на максимална казна за ваквите појави, затоа што само така ќе се испрати пораката никогаш да не се повтори.

– Јас сум еден од поддржувачите на максимално казнување, заради тоа што само преку максимални казни ќе ја испратиме пораката тоа да не се повтори никогаш повеќе – рече Заев одговарајќи му на пратеникот Амди Бајрам.

Премиерот истакна дека ова монструозно нешто што му се случи на девојчето од „25 Мај“ не треба да му се случи на ниту едно дете без разлика дали е во домовите или со своите семејства.

– Директорот на установата од етички причини поднесе оставка, но тоа не може да го врати времето. Можеби секојпат законите не даваат прецизно решение и затоа апелирам да се има максимална грижа за дечињата – рече Заев.

Надоврзувајќи се на одговорот на Заев, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска додаде дека јасна е потребата од деинституционализација и трансформација на големите институции кои што згрижуваат деца без родители, деца со воспитно-социјални проблеми и деца со попреченост во нивниот развој.

– Јас и пред 10 години сум работела во овие институции и денеска ги посетувам и точно знам кои се условите. Но, имавме еден период од 10 години во кој овие институции се уриваа и конечно го допреа дното, не само со инфраструктурата, туку и кадровски – рече Царовска.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1