Заев: Ни требаат гласовите од Река


Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на вечерашниот митинг во Општина Карпош рече дека граѓаните кои не го оствариле своето гласачко право испратиле јасна порака до власта, повикувајќи ги да излезат и да гласаат во вториот круг од претседателските избори.

– Пораката е дека има незадоволство од функционери, од централната, од локалната власт. Им возвраќам, ќе има чистка, секако дека ќе има чистка. После изборите ќе се случат промените. Редот е да ја испратам мојата порака до тие што останаа дома, државата ни е во прашање. Пораката ја испративте, но немојте да ја казнувате државата поради локалната или централната власт, порача Заев.

Нагласи дека во вториот круг, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски ќе победи со сто илјади гласови разлика.

– Ова не е борба за Заев, не е борба за СДСМ, ова е борба за татковината. Близината на гласовите вика „се враќа Груевски, се враќа режимот“, тоа не го сака никој, не го сакаат ниту гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, потенцираше лидерот на СДСМ.

Посочи оти увиделе каде се направени грешки и, како што рече, тоа се поправливи грешки, никаде немаме направено штети како 11-годишниот режим што ги имаше направено.

– На 5 мај да излеземе сите и да го избереме петтиот претседател на Република Северна Македонија. За пет години да имаме претседател за чиста петка. Повторно ќе се радуваме, ќе блеска и сите ќе бидеме горди на огромните разлики и на големата победа, повика Заев.

Наведе дека на Пендаровски му се потребни гласовите од претседателскиот кандидат Блерим Река, кој испадна во првиот круг од претседателските избори.

– Ни требаат гласовите од Река, да ни требаат сите. Ги покануваме да ни се придружат на концептот на единство. Да се придружиме сите на концептот што не носи рамо до рамо со современиот европски свет, нагласи Заев.

Истакна оти, народот знае дека допрва доаѓаат благодетите, наведувајќи дека чекорат по вистинскиот пат.

– Татковината повикува да излеземе сите заедно. Да гласаме за број три, рече лидерот на СДСМ на трибината во скопската Општина Карпош.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1