Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска изјави дека очекува претседателот Ѓорге Иванов да му го додели мандатот да формира влада. Се друго ќе биде кршење на Уставот, рече тој. Лидерот на СДСМ оцени дека Никола Груевски никогаш повеќе нема да биде премиер.
– За целата домашна и меѓународна јавност е јасно веќе 50 дена, од денот на изборите, граѓаните избраа промени. Оттука, неопходно е да се формира Влада што ќе ја одразува мнозинската волја на сите граѓани. На Република Македонија и е потребна Влада што ќе ги обединува граѓаните наместо да ги дели. Потребна и е стабилна и одговорна Влада којашто ќе го подобри квалитетот на живот на сите луѓе во државата и ќе води реални политики. И Влада којашто ќе ги обезбеди стратешките интереси на граѓаните и на Македонија, а тоа се придвижувања кон евро-атлантските интеграции. Ние сме подготвени и целосно посветени на формирање Влада којашто ќе ги спроведе реформите предвидени во Договорот од Пржино и итните реформски приоритети констатирани во извештаите на Прибе и на Европската комисија. Тоа ќе обезбеди владеење на правото и поставеност на институциите исклучиво во служба на граѓаните.
Таа Влада ќе гарантира дека сите граѓани без разлика на етничката или политичката припадност ќе имаат еднакви права и обврски пред законот и институциите. На изборите во Македонија победи концептот на заедништво и новата Влада ќе ја гради Македонија во таа насока – во едно општество за сите граѓани.Тоа го ветивме на граѓаните, живот во Македонија и Македонија за сите, и тоа имаме обврска, можеме, знаеме и сакаме да го постигнеме. Република Македонија е созреана за нови, совесни и реални политики и нов начин на водење на државата исклучиво во интерес на своите граѓани – рече Заев.
Имаме суштински став за Платформата на албанските партии, нагласи тој и додаде дека кога ќе го добие мандатот, ќе ги кажат нивните ставови.
– Ние се залагаме за едно општество за сите, граѓанинот ќе е во центарот на вниманието на новата влада. Македонија промените ги очекува и јас апелирам Иванов час поскоро да ни го додели мандатот. Има и други алтернативни решенија, но не сакам тоа да го коментирам. Граѓаните видоа се, секој кој го кршел Уставов и незаконски – истакна Заев.
Запрашан дали синоќа преговарале со ДУИ, тој рече дека единствени два контакти во изминатиот период со партијата била средбата со лидерот Ахмети во Скопје, а после тоа и со партиските потпретседатели.
– Јас сум убеден дека ќе имаме мнозинство во Парламентот и ќе формираме нова влада – рече Заев.