Конечно никој повеќе во светот нема да не спори, нема да не навредува и нема да не понижува. Никогаш повеќе ФИРОМ. Веќе сме Македонци со македонски народ, македонски јазик, истакна премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев на вчерашната трибина на Коалицијата „Излези за европска Македонија“ што се одржа на Плоштадот во Радовиш.
Додаде дека се уште постои дебата дали идентитетот ни е загрозен. Рече дека лагите одат до крај.
– Не знаат што да измислат. Некои зборуваат Северномакедонци. Лаги. Членот 7, точка 2 вели македонски идентитет потврден со јазикот, културата, нашите граници, нашата територија, нашата национална посебност и сите атрибути-Македонци стои во членот каде е државјанствто. Стои македонски јазик-истиот тој македонски јазик на кој што Ацо Караманов пишуваше поезија и живот даде за оваа Македонија, потенцираше Заев.
Според него, голема лага е дека Заев ги криел уставните промени. Тој рече дека никој нема право да предлага уставни промени, освен Парламентот по завршениот референдум.
– А што ќе бидат уставните промени-пишува јасно како бел ден во Договорот со Грција. Уставните промени ќе бидат направени со еден амандман со додавање на географската одредница. Истовремено ќе биде зајакнат државотворниот карактер на одлуките на АСНОМ, каде што вика дека е борба за самостојна суверена Македонија, за слобода и демократија. Истовремено ќе потенцира на европски начин водење грижа за нашата дијаспора, како што тоа е напишано во уставот на сите земји-членки на ЕУ. И ќе го зајакне она што значи заштита на територијалниот интегритет на Македонија, но и немање на аспирации кон други земји, односно заштита на границите и нивното почитување. Тоа ќе се смени во Уставот, објасни премиерот Заев.