Задолжително е организирање на референдум за промена на уставното име согласно Договорот со Грција, но точниот датум кога тој би се одржал, какво ќе биде референдумското прашање и каков тип на рефенредум: обврзувачки или конститутивен Владата ќе усогласува меѓу коалициските парнтери и со опозицијата, тврди премиерот Зоран Заев.
Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски синоќа во интервју за Алсат испрати порака дека неговата партија нема да го поддржат референдумот за промена на името доколку не биде обврзувачки, односно доколку е консултативен. Мицкоски го повтори ставот дека Договорот е капитулантски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека ниту еден од пратениците на колицијата која ја предводи нема да прифати импичмент на Иванов.
Во јавноста веќе излегоа првите информации кога референдумот би се распишал и одржал. Иако Заев најави дека референдумот се планира кон крајот на септември и почетокот на октоври, во политичките кругови како први датум се споменуваат 9 и 16 септември. Во таков случај, Собранието ќе треба да го распише референдумот кон средината на јули.
За референдумот да биде успешен, според актуелниот закон потребно е да излезат над 50 отсто од избирачите, додека пак, за да се случи промена на уставното име, ќе биде неопходно да се изјасни мнозинството од излезените гласачи. Опозицијата засега најавува дека ќе учествува на обврзувачки референдум, но има и најави за тивок бојкот.