Заев: Сплотени градиме живот за сите


Заедно, сплотени, единствени итаме кон прогресот. Итаме кон иднината. Итаме кон живот за сите во Македонија, истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев на вечерашниот митинг во Куманово каде беа претставени кандидатот за градоначалник и кандидатите за советници на коалицијата „Живот во Македонија“.Пред граѓаните на градскиот плоштад, Заев рече дека Куманово бил градот каде во сите изминати изборни циклуси се крепело единството и мултиетничноста.

– Да бидете горди и вие Македонци, и Албанци, и Срби, и Роми, и Бошњаци и Власи, сите кои што сте од Куманово, затоа што и држевте лекција на Македонија сиве овие 26 години независност. Ваша заслуга е едно општество за сите, мултиетничка единствена Македонија, рече Заев.

Тој најави дека во следниот период, освен Куманово и Струмица, ќе има многу повеќе слободарски општини и истакна дека Куманово по 11 години ќе добие поддршка од централната власт.

– Во целиот овој период Куманово и пркосеше на власта и денес е една од најсовремените општини во Македонија. Во Куманово една шајка нема заковано од страна на претходната власт и не знам што ќе бараат вечерва и кој било друг ден до крајот на кампањата во Куманово, рече Заев.

Осврнувајќи се на сработеното во изминатите три месеци, Заев посочи дека е донесен законот за стечајните работници, законот за зголемување на минималната плата, укината е радиодифузната такса и екстерното тестирање и повторно е вратена дневната евтина тарифа.

– За три и пол месеци од заштеда на непродуктивни трошоци во државата во вкупна вредност од 45 милиони евра ги стабилизиравме четирите основни функции на државата. Да не грижат ниту пензионерите, ниту социјално ранливите категории на граѓани, ниту вработените во јавната администрација, ниту кој билодруг граѓанин ако се разболи дека здравствениот систем нема да одговори, истакна Заев.

Најави повеќе мерки за младите со цел тие да останат во државата, реформи во средното и основното образование и скратување на часовите за најмалите во основните училишта. За Куманово најави продолжување на гасификацијата која досега е реализирана во должина од 14 километри, директна помош од државата за решавање на водоснабдувањето и изградба на нови градинки.

Говорејќи за односите со соседите, Заев рече дека се унапредени односите со Бугарија, Србија, Косово, Албанија и со Грција.

– Градејќи пријателство ќе ги решаваме и најгорливите проблеми, но нека не се секираат. Македонштината на сите ни во градите. Ќе го сочуваме нашиот идентитет, а Македонија ќе биде членка на НАТО и ќе почне преговори со Европската унија. Како пријатели можеме да одиме напред. Градејќи пријателства се отвараат перспективите и за државата и за граѓаните, порача лидерот на СДСМ.рече Заев.

Рече дека очекува уште во првиот круг победа за кандидатот за градоначалник на Куманово.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1