Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев утре и задутре ќе престојува во посета на Република Бугарија. Заев во Софија ќе се сретне со бугарскиот премиер Бојко Борисов и со претседателот Румен Радев.
Софија по Брисел е втората дестинација што ќе ја посети Заев по формирањето на новата македонска Влада.
Македонскиот премиер најавувајќи ја посетата на Бугарија деновиве во повеќе наврати истакна дека од Софија која од 1 јануари следната година го презема претседавањето со ЕУ, очекува добра соработка и поддршка за евроатлантските аспирации на Македонија. Посетите на Брисел и на соседните земји, вели Заев, значат засилена активност со помош на пријателите од ЕУ и од соседите да се придвижи Македонија кон полноправно членство во НАТО и ЕУ.
И бугарскиот премиер Бојко Борисов, по изборот на новата македонска Влада, изрази уверување дека Софија и Скопје ќе работат за зацврстување на добрососедските односи и за приближување на Македонија кон ЕУ и НАТО.
По минатонеделната средба со германската канцеларка Ангела Меркел, Борисов изјави дека посакува Македонија како соседна држава да биде стабилна. – Затоа ја убедив канцеларката Меркел и останатите дека треба да и дадеме шанса на новата Влада, изјави Борисов.
Сергеј Станишев, поранешен премиер на Бугарија и лидер на Бугарската социјалистичка партија, и актуелен претседател на Партијата на европските социјалисти, ја оценува утрешната средба Борисов – Заев како јасен знак за добрососедските односи.
– Тоа е втора посета на Заев во странство, по Брисел. Се надевам дека ќе надвладее разумот и ќе биде потпишан договорот за добрососество, што ќе ги уреди меѓусебните односи. Наш интерес е Македонија да биде стабилна, изјави Станишев за бугарското радио „Дарик“.
Поранешниот претседател на Бугарската академија на науките Стефан Воденичаров, пак, очекува средбата на двајцата премиери да помогне да се отвори вратата на ЕУ и НАТО за Македонија.
– Во изминатите месеци во Бугарија бевме загрижени поради кризата во Македонија. Добро е што работите се враќаат во нормала и добро е што ЕУ и НАТО веќе и подаваат рака на Македонија – тоа е многу добар знак, вели академик Воденичаров за БГНЕС.
Според него, Бугарија како иден претседавач со ЕУ може да ја поддржи Македонија на патот кон членство во Унијата, а се отвараат и можности за решевање на билатерланите прашања кои се натрупани во изминатите дваесеттина години.
– Очекуваме најпосле да биде потпишан и договорот за добрососедство и да се отвори вратата за прием на Македонија во ЕУ и НАТО, изјави Воденичаров.
Покрај политичкиот дел и средбите со Борисов и Радев, предвидено е македонската владина делегација предводена од премиерот Заев во Софија да има и повеќе бизнис средби.