Премиерот Зоран Заев штотуку се обрати пред Европскиот Парламент на покана на неговиот претседател, Антонио Тајани.
Ова, како што истакна Заев, е прво обраќање на македонски премиер на македонски јазик во европскиот пратенички дом.
– За нашиот македонски народ ова е историски момент. Ова е прв пат, еден премиер на нашата земја да одржи говор пред Европскиот парламент, на својот, мајчин јазик, рече Заев.
Премиерот Заев на европратениците и членовите на Европската Комисија присутни во салата ја објасни важноста за Македонија на склучувањето на Преспанскиот Договор, заблагодарувајќи му се и на неговиот грчки колега, Алексис Ципрас.
Референдумот на 30 септември, рече Заев, е референдум за втора независност.
– За Република Македонија, тоа е можност која толку долго ја чекавме. Во 1991 година гласавме за независност. На референдум. Сега, повторно на референдум треба да го направиме следниот чекор: Да создадеме реална можност да станеме 30-та земја членка на НАТО, и да го започнеме, да затвораме поглавје по поглавје до членство во Европската Унија, во европското семејство. Референдумот на 30 септември, е многу повеќе одколку само референдум за Договорот од Преспа. Тоа е референдум за иднината. Тоа е референдум за нашата втора независност, истакна Заев.
Како и премиерот Ципрас пред два дена, Заев посочи дека решавањето на спорот за името може да послужи како пример за решавање на други билатерални спорови.
– Ние сакаме да послужиме како пример и инспирација за решавање на сите билатерални прашања на Западен Балкан и даваме силна поддршка на изнаоѓање одржливи решенија, засновани на европските вредности и меѓународното право, кои трајно ќе го стабилизираат регионот и ќе го подготват за интеграција во ЕУ, истакна македонскиот премиер.
Тој ги изложи причините зашто “нема силна ЕУ без успешен Балкан“.
– Успешен Балкан е Балкан интегриран во ЕУ. Оваа визија не мотивираше да го направиме историскиот чекор и со тоа да ги поттикнеме процесите на помирување, градење заедништво и сојузништво во регионот, рече премиерот.
Тој потсети на важноста на регионот во справувањето со миграциската криза и истакна дека инвестирањето во Балкан е инвестиција за стабилна, силна и обединета Европа.
Премиерот ги увери европратеници дека Македонија прави сѐ за да ги постигне стандардите на Европската Унија.
– Ги знаеме препораките, тие се нашите приоритети: независни и демократски институции, владеење на правото и борбата против корупцијата и професионална јавна администрација како сервис за граѓаните, рече премиерот.
Заев потсети дека Македонија е “еден вид Европа во мало“, “успешна европска приказна, како автентичен модел на функционална мултиетничка демократија. Еден вид Европа во мало – ние секојдневно го живееме Европското мото “Обединети во различностите“, додаде тој.
Заев подвлече паралела помеѓу кризата низ која поминува Европската Унија денеска и политичката криза низ која мина Македонија, борба на отворено општество против авторитарниот национализам.
– Политичката криза низ којашто поминавме беше всушност борба за вредности каква што се одвива и во европски и глобални рамки – борба за либералните вредности на владеење на правото, човековите права и слободи, демократското владеење, отворената економија, наспроти авторитарниот национализам, рече премиерот.
Зоран Заев посочи дека младите луѓе во Македонија сонуваат да бидат дел од европското семејство.
– Да, нашите луѓе сакаат да бидат дел од ова семејство. Се чувствуваме европски и припаѓаме на Европа. Во 1991 година, кога имав 17 години, ова е сè за што сум сонувал: да бидеме дел од европското семејство. Да имаме европска иднина. Нашите млади луѓе сонуваат за ова и денес. Сега, 27 години подоцна, како премиер, во име на граѓаните на мојата земја, зборувам во Европскиот парламент на својот македонски јазик, заклучи Заев пред европратениците