Заев, Вучиќ и Рама усвоија Декларација за слободен проток на стоки, услуги и луѓе


Отворени сме за оваа и за сите други иницијативи кои одат во насока да ги зајакнат постоечките форми што ја промовираат регионалната соработка и што го забрзуваат процесот на интеграција во ЕУ на сите земји од Западен Балкан, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на заедничката прес-конференција по повод трилатералниот состанок со Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, што денеска се одржа во Нови Сад во Република Србија.

„Пред нас се можностите да ги искористиме нашите заеднички потенцијали за зголемување на трговијата, протокот на производи, мобилноста на луѓе, услуги и капитал. Тоа се четирите слободи на ЕУ. Во нашиот регион мораме да ги воведеме европските принципи на соработка и функционирање. Мораме да ја донесеме Европа на Балканот во секоја од нашите земји. Тоа е составен дел од нашата домашна задача за интеграција во ЕУ. Мора да се зајакнат процесите за реализација на Регионалната економска област и да ги исполниме задачите кои сме ги поставиле за взаемно признавање на дипломи, сертификати, намалување на трговските бариери, подобрување на инфраструктурата, воведување на полесни и поефикасни царински процедури“, рече претседателот на Владата на Северна Македонија, Заев.

Премиерот Заев во својата изјава за медиумите потенцираше дека сите граѓани на регионот гледаат на Балканот на 21 век како на регион на мир, стабилност и економски развој, комплетно ориентиран и посветен на забрзување на интеграцијата во ЕУ.

„Иницијативата за зајакнување на регионалната соработка што ја поттикна Претседателот Вучиќ ја гледаме во контекст на другите регионални иницијативи под капа на Советот за регионална соработка меѓу земјите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес. Силната и суштинска регионална соработка е важен чекор

за нашата интеграција во ЕУ. Секогаш е добро и секогаш треба да покажуваме дека заедно можеме и сакаме повеќе. Има многу неискористен потенцијал во зголемувањето на регионалната соработка. Ќе добиеме повеќе почит и поддршка од ЕУ, ако самостојно покажеме политичко лидерство и грижа за унапредување на соработката“, нагласи премиерот Заев.

Тој потсети дека меѓу Северна Македонија и Србија е воведено интегрирано гранично управување, и дека многу скоро истото тоа ќе се спроведе и на најфреквентниот граничен премин со Албанија.

„Оваа иницијатива е отворена за приклучување на другите земји од Западен Балкан, како и останатите чинители кои ја помагаат регионалната соработка. Сега даваме силна политичка поддршка, а во иднина ќе имаме и други работни средби и состаноци за реализација на нашите заложби“, истакна премиерот Заев.

Во 2020 Република Северна Македонија за прв пат како земја кандидат за членство во ЕУ, заедно со Република Бугарија ќе ко-претседава со Берлинскиот процес, рече премиерот Заев и додаде дека тоа е добра прилика да му дадеме нов, силен импулс на зајакнувањето на регионалната соработка.

„Истовремено, тоа е добра шанса да обезбедиме комплементарност и реализација на сите иницијативи, вклучително и оваа, бидејќи сите тие ја трасираат брзата патека што води кон Брисел“, нагласи во завршницата на заедничката прес конференција по трилатералниот состанок со Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, што денеска се одржа во Нови Сад во Република Србија.

Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и премиерот на Република Албанија Еди Рама во своите изјави на прес конференцијата ги издвоија поентите од декларацијата што денеска ја објавија тројцата лидери во Нови Сад во која е истакната заложбата за реализација на четири слободи на ЕУ – движење на луѓе, стоки, капитал и услуги – во Западен Балкан.

Како прв чекор на кој ќе се работи во претстојниот период ќе биде отстранување на сите бариери за слободно движење што е можно поскоро, за што ќе биде формирана работна група која ќе започне веднаш.

Во декларацијата се поканети и останатите лидери во Западен Балкан да им се придружат на првиот нареден состанок на 10 ноември во Охрид.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1