Македонскиот премиер Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ денеска телефонски разговараа за новонастанатата состојба во односите меѓу Македонија и Србија.
Заев и Вучиќ, како што се наведува во заедничкото соопштение, се согласиле дека Република Македонија и Република Србија секое евентуално несогласување во меѓусебните односи ќе го решаваат исклучиво со дијалог.
– Без оглед на сите политички разлики за одредени важни политички регионални прашања, Македонија и Србија заеднички ќе се борат не само за зачувување, туку и за унапредување на пријателските односи меѓу македонскиот и српскиот народ и граѓаните на двете земји, стои во заедничкото соопштение.
Заев и Вучиќ се согласиле и дека Македонија и Србија се согласиле да вложат дополнителни напори за натамошно унапредување на економските односи и зголемување на трговската размена меѓу двете земји.
– Република Македонија и Република Србија во согласност со меѓународните правни прописи, во добра волја и на пријателска основа ќе ги штитат правата и интересите на дипломатско-конзуларните претставништва на својата територија. Република Македонија и Републикиа Србија ќе ја интензивираат меѓусебната комуникиација на највисоко ниво, меѓусебно ќе се подржуваат на европскиот пат и ќе ги јакнат добрососедските односи и стабилноста во регионот, се наведува во заедничкото соопштение издадено по денешниот телефонски разговор меѓу претседателот на Владата на Македонија Зоран Заев и претседателот на Србија Александар Вучиќ.