Предлог-законот за употреба на јазиците е последното легалистичко прашање со кое се затвораат отворените прашања од Рамковниот договор, кој е преточен и во Уставот, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
„Читајќи го Охридскиот рамковен договор којшто е преточен и во Уставот на РМ, ова е последното легалистичко прашање што е во форма на закон, се затвора. Затоа кога одите по затворањето на отворените прашања по Охридскиот договор, ние официјално стоиме како Влада дека е последно отворено прашање. Но, Охридскиот договор има дух. Тој дух меѓу другото вели рамномерна застапеност на граѓаните во сите институции, дури и во приватниот сектор и насекаде“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање „дали има гаранции од коалициските партнери од ДУИ и од Алијансата за Албанците дека ова навистина е последното отворено прашање“.
Во Собранието денеска почна дебатата по Предлог законот за употреба на јазиците. Тој е доставен со европско знаменце и за него расправаше Комисијата за европски прашања.