Закопаното богатство актуелно и за странци – Во Мариово „туристи“ носат мапи на закопано богатство


Ретки се туристите во битолско Мариово. Одвреме-навреме, по ридовите на пределот на крајниот југ на Македонија ќе залутаат група грчки ловџии, „гонејќи“ го дивечот преку границата високо на сртовите на Kајмакчалан и Ниџе. Многу почесто, туристите во овој ретко населен крај, наместо со пушки, доаѓаат со мапи. Легендите за закопани богатства, кои се врзуваат за целата богата историја на пределот, од времето на античките кралеви, преку монашките братства и турските бегови, до Првата светска војна, ги привлекуваат туристите, трагачите по богатства или дивите копачи. А Мариово, поради бурната историја, е преполно со вакви приказни.

Антички градови и манастирски богатства

old_map bogatstvoЕдна од најстарите причини што ги носат дивите копачи во Мариово е приказната за античката тврдина Пешта, која ја користеле и Римјаните. Легендата вели дека во нејзина близина имало и град, кој крие огромно богатство на античките владетели. „Триесет тони злато во прачки и три тони дијаманти“, велат Мариовци.

Приказните за закопани богатства продолжуваат низ ерата на Отоманското Царство.

– Овдека, над селото, до 18 век имало манастир и епископска школа. Манастирот имал 70 монаси и големо богатство. Некаде во 1770 година, грчки андарти го запалиле и ги убиле монасите. Но, златото било закопано. Kога го закопувале, монасите оставиле писмо. Тој што ќе го најде златото да го обнови манастирот. Сето злато што ќе остане, со здравје да го троши – вели Јован Босеовски (65) од Градешница, неформален историчар на легендите од областа.

Тој вели дека на почетокот од деведесеттите години тим археолози од Прилеп вршеле ископувања на местото на кое се верува дека бил манастирот, но не му е познато што откриле.

Преданија слични на ова се причина за многубројните диви ископувања во Мариово.

– Доаѓаат со детектори за метали или со мапи. Но, мапите се со „шифрирани“ имиња на ридови, реки и долови. На пример, во една мапа видов „медов дол“. Таков дол нема никаде во околината. Ми рекоа дека е така напишано затоа што таму е „медот“, односно богатството – вели жител на Градешница.

Златото што го пробило фронтот

Голем број од приказните за богатства потекнуваат од Првата светска војна, која три и пол години беснеела по мариовските планини. Од пролетта 1915 година до крајот на војната во септември 1918 година, тука минувала рововската линија на Солунскиот фронт.

Легендата вели дека наместо десетици неуспешни напади, фронтот го пробило француско злато.

– Бугарскиот генерал Бојаџиев, командантот на Првата бугарска армија, за седум канти злато им го продал фронтот на Французите. Три однел, четири не се најдени. Kога откриле, му турале топено злато во уста. Така бил убиен – го раскажува Јован преданието. Четирите канти злато на бугарскиот генерал и денес ги привлекуваат „туристите“.

Жителите на Градешница раскажуваат и друга приказна за злато од Првата светска војна.

– На Добро Поле имало гроб на некој бугарски капетан, загинат во битката. По војната, дошол син му и замолил да ги собере коските за да ги закопа во татковината. Го откопал гробот, но, наместо капетанот, лежело златото, кое офицерот го скрил пред да се повлечат Бугарите. Kапетанот жив и здрав дома го чекал синот – велат мариовци.

Поради оваа приказна, дивите копачи прекопале неколку гробници од Првата светска војна.

– Гробови имало секаде, по ниви, по планина… Некои се ископувани од копачи, барале злато по приказната за бугарскиот капетан – вели Јован.

dnevnik.mk

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1