Никола Младенов во вторникот околу 20 часот излегол до дома. На најблиските не им кажал каде заминува. Последниот контакт со него го оствариле два часа подоцна. Некаде по 23 часот, се случила трагичната несреќа, кога „мерцедесот“ што го возел Младенов, па патот од Велес кон Скопје, излетал од коловозот и се превртел во ендек.
„Не знам ништо! Знам само дека сум горда на него“, ни изјави сопругата на Никола Младенов, Билјана. Таа, во телефонски разговор за утрински весни, само потврдила дека критичниот ден Никола излегол околу 20 часот, но не кажал каде планира да замине. Не можеше да каже ништо повеќе за часовите пред несреќата.
Што се случувало точно во вторникот попладне, односно само неколку часа пред загинувањето на Младенов, никој не знае точно. Неговиот адвокат, Оливер Вуксановиќ, вели дека критичниот ден разговарал и дека Младенов не споменал патување.
„Мислам дека беше некаде околу 18,30 часот. Се слушнавме со Никола и разговаравме за тековни проблеми поврзани со тужбите што се поднесени против ’Фокус’. Тој не ми спомна дека има некаков состанок или дека ќе замине на пат“, вели адвокатот Вуксановиќ.
Од МВР, тврдат дека за време на увидот на местото на несреќата се прибрани голем број докази, поради што и се одолжила полициската истрага. Се проверува и можноста и друго возило да не учествувало во сообраќајката. Според информациите од обдукцијата, Младенов починал како резултат на силниот удар со градите во воланот, по што настанало внатрешно крвавење.
Според досегашните сознанија, возилото на Младенов се движело со брзина од околу 150 километри на час. Обдукцијата во Институтот за судска медицина во Скопје, не утврдила дека новинарот имал срцев удар. Во тек се токсиколошки анализи по што се очекува да биде готов комплетниот извештај од обдукцијата.
Повеќе за ова на – Утрински весник