Опожарена е викенд-куќата на координаторот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп Петар Ристески во месноста Кула во околината на Прилеп.
Пожарот синоќа околу 22:30 часот го забележал очевидец кој пријавил во противпожарната единица која интервенирала.
Според Ристески, станува збор за политички мотивирано дело.
– За пожарот бев информиран од противпожарната единица синоќа околу 23.30 часот. Опожарена е целата куќа во која немаше електрична енергија, ниту електрични апарати, па сум убеден дека пожарот е подметнат. Единствено што ми паѓа напамет е дека е политички мотивиран. На некого му пречи политичкиот ангажман и активноста на Петар Ристески. Повикувам на разум зашто работите одат предалеку, рече Ристески.
Дополни дека очекува полицијата да го расчисти случајот.
За расчистување на случајот се заложи и Општинската организација на СДСМ од Прилеп. Во соопштението до јавноста побара ВМРО-ДПМНЕ да не го вперува прстот во политичките противници и да не се служи со закани и притисоци.
– Ги повикуваме институциите да го расчистат случајот со палењето на викендичката на координаторот ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески. Наместо да го вперува прстот во СДСМ, надевајќи се дека ќе заработи ситни дневно политички поени, нека погледне во сопствените редови и нека расчисти со внатрепартиските натпревари за позиции. Методите на закани, притисок, уцени, закани по безбедноста на граѓаните и нивниот имот, никогаш не биле поддржани од СДСМ и нашите членови. Таквите методи останаа запамтени во колективната мерморија на граѓаните како симбол на деструктивното, криминално и корумпирано владеење на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во изминативе 12 години, стои во соопштението на ОО на СДСМ.
Со соопштение се обрати и прилепскиот градоначалник Илија Јованоски кој побара инситутциите поскоро да го расчистат случајот и да ги откријат причините за пожарот.