На граничниот премин Табановце е спречен обид за изнесување од државата на 27.700 фалсификувани евра.
Царинската управа денеска соопшти дека случајот е откриен вчера околу 7 часот наутро.
Парите се пронајдени во патничко возило со српски регистарски таблички. Биле сокриени во наслонот меѓу предните седишта, во врзано снопче со ластик замотани во бела хартија.
– Царинските службеници забележале дека има 39 банкноти во апоени од по 100 ЕУР со ист сериски број, понатаму увиделе и дека 39 банкноти во апоени од по 200 ЕУР имаат ист сериски број, како и дека 32 парчиња во апоени од по 500 ЕУР исто така имаат ист сериски број. При преглед со УВ лампа констатирано било дека девизите се со лош квалитет и се фалсификувани, информира Царинската управа.
Од спроведената предистражна постапка, собрани се докази кои укажуваат дека лицето само ги фалсификувало парите. Против него е поднесена кривична пријава за фалсификување пари и тој е лишен од слобода. Предаден е на судија за претходна постапка во Основниот суд во Куманово кој му одреди мерка претпазливост – привремено одземање на патна исправа со обврска да се јавува во судот два пати неделно.