Затвор за партиски вработувања предлага ДС


Демократскиот сојуз во саботата вечерта во Неготино ја претстави предлог – изборната програма „Промени , правда, прогрес“, во којашто меѓу другото предлага кривично гонење на практиките за ткн партиски вработувања, реизбор на судиите и обвинителите, личен агроном за земјоделците и низа други мерки.pavle trajanov

Лидерот на партијата, којашто до пред извесно време беше дел од владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Павле Трајанов, од жителите на Неготино побара да ги кажат своите мислења за да може до изборите да се изгради еден нов политички блок кој ќе го води ДС и кој ќе настапи самостојно на изборите.

Меѓу другото од предлог-изборната програма, Трајанов понуди предлог за решавање на проблемите во економијата, здравството и енергетиката, но и во судството и негово извлекување од „канџите на партизацијата и корупцијата”.

„Нема сигурност без стабилен правен систем, без судство и судии со доверба. Предлагаме генерален реизбор на сите судии и обвинители. Ќе ги намалиме паричните казни за најмалку 50 отсто, за да можат компаниите и граѓаните да преживеат. Управата за јавни приходи нема да може веднаш да одредува високи мандатни казни. Инспекторите ќе мора прво да опоменуваат. Натаму, предлагаме гасификација и топлификациски системи, како најчиста и најевтина енергија и заштита на шумскиот фонд“, нагласи Трајанов.

Посочи дека покрај тоа што последните неколку месеци се најавуваат голем број на проекти, ветувања и сл., ДС истакнува дека нивниот предлог го водат под мотото „Нашиот проект е Македонија“.

„Само ако изградиме стабилна демократска и слободна држава и ако во неа граѓаните и фирмите ги подготвуваат и реализираат проектите, тогаш е можен економски пресврт, отварање на нови работни места и создавање на услови за младите да не заминуваат во странство, туку да останат овде да создаваат и да градат“, рече во тој контекст Трајанов.

ДС нуди решенија и за решавање на проблемите со јавната администрација, развојот на селата и земјоделското производство, задржување на младите во државава, здравството..

„Во врска со вработувањата во јавната и во државна администрација, ДС предлага јавна и транспарентна постапка, која ќе обезбеди еднакви можности за сите кандидати, врз основа на јасни критериуми. Вработувањето мора да биде согласно вештините и квалитетите на кандидатот, а не според партиски списоци и книшки. За да ги потврдиме нашите искрени намери за департизација на државата, во Кривичниот законик ќе предвидиме казна од најмалку една година затвор за секој што партиската или друга позиција во власта ќе ја злоупотреби за кршење на критериумите за вработување”, рече Весна Стoименовска.

„Ќе иницираме формирање приватна советодавна подрачна служба во сите општини -матичен агроном, која ќе работи на развој на земјоделието. Советодавната служба ќе се финансира, и тоа една третина од Министерството за земјоделие, третина од локалната самоуправа и третина од самите земјоделци. Оваа служба ќе вработи млади и стручни агрономи кои професионално ќе ги следат најмодерните европски и светски достигнувања во земјоделието. Советодавната служба земјоделците ќе ги советува за изборот на културите кои треба да се одгледуваат на определено подрачје, во зависност од климатските услови и пошироките пазарни потреби, ќе ги советува за изборот на сортите кои во локални услови ќе дадат најдобри резултати и ќе ги советуваат за најдобрите подлоги на кои ќе се одгледуваат културите”, предложи Игор Трајковски.

„Сметаме дека грижата за пациентите треба да биде темелна, и затоа предлагаме термините за преглед во ‘Мој термин’ да бидат прилагодени на пациентите и тежината на болеста. За поуспешно лекување на стерилитет, предлагаме 5, наместо досегашните 3 ин витро интервенции на сметка на ФЗОМ. Залагајќи се за поефикасен здравствен систем, сметаме дека е потребна вистинска децентрализација на терциерното здравство. Сведоци сме дека регионалните клинички центри денес се само убава замисла, но во пракса постои софистицирана опрема со која нема кој да ракува. Стручниот кадар или го нема или е недоволно обучен за посложени интервенции. Веќе хронично недостасуваат гинеколози, педијатри, анестезиолози, патолози, специјалисти по медицинска биохемија. Овој кадар не се создава преку ноќ! Во оваа смисла, ДС смета дека е потребно континуирано и планско обезбедување на дефицитарен специјалистички кадар и негово задржување во јавното здравство“, истакна д-р Соња Кузмановска.

Од ДС посочија дека продолжуваат со промоција и јавниот увид на предлог – програмата низ целата територија на државава, за да ги презентираат нивните мерки за креирање на можности за младите, зголемување на наталитетот, коренити промени на политичкиот систем, конфискација на криминално стекнатиот имот и зголемување на животниот стандард.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1