Љубица Јанчева, претседателката на Советот на Град Скопје, и градоначалникот Петре Шилегов по директивите на СДСМ именуваа повеќе од 100 лица за членови во управни одбори во јавните претпријатија, обвини Јелена Жугиќ, советничка во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа тврди дека дел од нив се партиски активисти на СДСМ и дека меѓу нив има луѓе обвинети за тешки кривични дела. Жугиќ ги предизвика медиумите да истражат кои се луѓето што се избрани.
– Шилегов и Јанчева се ставаат над законот. Тие не демантираат. Законите не важат за сите. Шилегов ветуваше транспарентни и одговорни институции. Ги немаме истите. На седницата нема дискусија за овој скандалозен чин. Немаме докази, но имаме сомнеж. Ви фрлам ракавица да истражите кои се тие луѓе, а не да поставувате потпрашања. Треба да бидете на страна на граѓаните – рече Жугиќ.
Прашана на што ги темели нејзините кажувања за именување лица без квалификации, таа вели дека се само сомненија.
Таа обвини дека Јанчева и Шилегов на седница на 1 март изгласале најмалку стотина членови на управни и надзорни одбори на градските претпријатија на максимално нетранспарентен и шверцерски начин, без притоа, и покрај инсистирањето на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, да се прикажат биографиите на истите личности и да се увиди дали тие ги исполнуваат законските услови за нивно назначување.