Сигурно ви се случило барем неколку пати да си намачкате кришка леб и таа да ви падне на подот. Забавното прашање е зошто секогаш паѓа на намачканата страна? Неколку научници се обидоа конечно да го најдат одговорот на ова прашање.
Според истражувањето што го пренесе Daily Mail, одговорот е многу едноставен и за сè е крива висината на масата. Резултатот вели дека штом парчето леб ќе „полета“ во воздухот, заради висината на масата има време да направи само половина салто пред да падне на подот.
За да го потврди ова стручњакот за храна Крис Смит и неговиот тим фрлиле сто кришки леб во просториите на универзитетот во Манчестер. Масата од која ги фрлале парчињата била висока 76,2 сантиметри. Во 81% од случаите, парчето леб паднало на намачканата страна.
Истражувањето беше направено за DVD изданието на последната сезона на серијата „The Big Bang Theory“.
„Прашањето дали лебот секогаш паѓа на намачканата страна е нешто што сигурно би ги измачувало ликовите од серијата“ – вели Смит.
„Ако сакате парчето леб да ви паѓа на ненамачканата страна тогаш масата треба да ви биде висока 243,8 сантиметри за тоа да може да се изротира за 360 степени.“
Ова прашање ги мачи научниците 180 години. За него се дискутирало уште во 1835 година во месечниот магазин New York.