Република Македонија од Букурешкиот договор досега дополнително изгубила уште 737 квадратни километри државна територија!?
Според некои учебници Република Македонија има 25.713 квадратни километри, а според други – 25.432 квадратни километри државна територија.
Споредувајќи ја територијата што ја добила Србија како окупиран дел од Македонија по Балканските војни со површината на денешната територија на Република Македонија, веднаш може да се види дека за близу сто години Македонија дополнително изгубила уште 737 квадратни километри или површина што е повеќе од двапати поголема од површината на Охридското Езеро! Ваквата разлика се должи на одредени корекции на границата во неколку периоди по разни поводи и од разни причини, заклучно со отстапувањето на дел од територијата кај сливот на Пчиња и кај Качаник.
Меѓутоа, различни бројки за вкупната површина на Република Македонија се појавуваат и подоцна, иако станува збор за помала разлика од претходната. Дали некој политичар тајно отстапил дел од државната територијата; дали станува збор за грешки во нашите учебници по географија во презентирањето на површината на Република Македонија или едноставно за разлика која се појавува при користењето на статистички, односно катастарски податоци? Дали Република Македонија има 25.713 или 25.432 квадратни километри?
Погрешно пресметана или вистински намалена површина?
Како што е познато, Букурешкиот договор од 1913 година етничката територија на Македонија ја поделува на четири дела. Најголемиот дел од државната територија го добила Грција – 34.411 квадратни километри, Бугарија ја добила Пиринска Македонија со 6.798 квадратни километри, Албанија добила 802 квадратни километри, а Србија 26. 440 квадратни километри.
Според тоа, вкупната територија на Македонија пред поделбата направена со „крвавите ленири“ на големите сили била 68.451 километар квадратен. Значи, оние што ја делеле македонската земја не само што точно ги знаеле границите туку до метар квадратен ја знаеле и површината на територијата на Македонија што ја делат.
Оттука, подоцна, кога на територијата што ја добила Србија, односно Кралството Југославија, била формирана Народна Република Македонија, новата држава наследила или требало да наследи територија од 26.440 квадратни километри, односно комплетниот дел од танаречената Вардарска Македонија. Меѓутоа, според учебниците по географија, во последниве неколку децении, територијата на Република Македонија неколку пати се намалувала за по неколку десетини квадратни километри, па сега во најновите податоци се оперира со 25.713 квадратни километри државна територија.
Се разбира во таа пресметка не е земена предвид последната корекција на границата со Косово, па затоа засега не се знае дали во новите изданија на учебниците по географија ќе има нови, дополнителни корекции на државната територија или не. Ако се верува на она што беше изјавувано во време кога се потпишуваше договорот за обележување на границата, тогаш бројката треба да остане иста, но се поставува прашањето која е всушност таа бројка, односно дали Република Македонија има прецизно утврдена државна територија што ќе важи за сите учебници и за сите автори на учебници по географија.
Испарила површина од две охридски езера!
Доколку се има предвид само овој дел на територијата, односно делот што го добила Србија како воен плен, а на кој подоцна Македонците ја создадоа својата македонска држава, може да се каже дека Република Македонија во изминатите близу сто години има изгубено дополнителни 737 квадратни километри своја територија, што претставува, на пример, површина којашто е двапати поголема од вкупната површина на Охридското Езеро, три пати од Преспанското или околу петнаесет пати повеќе од површината што ја зафаќа Дојранското Езро во своите најдобри години. Сите наши вештачки езера зафаќаат само 10 проценти од изгубената територија на Вардарска Македонија од почетокот на втората деценија на минатиот век до денес. Како се намалувала таа територија и дали тоа е само отуѓување на одредени области или, можеби има и некакви грешки во пресметувањето на државната територија?
Според проф. д-р Благоја Маркоски, професор по картографија и воена географија на Институтот по географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ваквото различно бележење на површината на државната територија се должи на неколку факти, кои можат да се поделат на две групи.
Во првата група спаѓаат размените на територии кои се правени за време на Југославија, кога во неколку наврати Република Македонија има отстапувано делови за корегирање на некои состојби во рамките на пограничните атари кон Србија, поточно во областа околу манастирот Прохор Пчински и сливното подрачје на реката Пчиња, како и во областа околу Качаник, односно Генерал Јанковиќ.
Втората група се фактори кои се базираат на методологијата на теренски пресметки или на преземањето податоци од учебници кои користат различна методологија. Притоа во основа се разликуваат две основни категории во презентирањето на податоците и бројките со кои се дефинира површината на државната теритоија на Република Македонија. Се разбира дека тоа не важи само за нашата држава, туку станува збор за општо прифатени принципи кои се користат во географската наука.
Зависно од методологија што се користи во пресметките, можат да се појават две различни цифри за површината на државната територија. Првата бројка е 25.713 квадратни километри, а втората е 25.432 квадратни километри. Првата е статистичка, а втората катастарска пресметка на територијата. Во нашите учебници по географија се користи статистичката пресметка, затоа што таа е меѓународно призната категорија што се базира на пресметки направени врз основа на утврдни критериуми за пресметка на површината на одредена територија со геодетски мерења и математички податоци.
Втората бројка е катастарска пресметка, а тоа значи дека според таквата пресметка Република Македонија има околу 270 квадратни километри помалку површина на територија од она што се прикажува во учебниците по географија, но и во сите релеванти меѓународни документи. Се разбира, територијата е таа што е, а разликата настанува при збирот на површините што ги зафаќаат одделни атари, па на тој начин излегува дека Република Македонија има помалку државна територија од онаа што се прикажува.
Ваквата разлика од 278 квадратни километри всушност се должи на тоа што Република Македонија има отстапено делови од атарите на повеќе погранични области кон Србија, кои биле избришани од нашата катастарска евиденцијата и биле префрлени во катастарската евиденција на Србија. Станува збор за атарите во околината на горниот тек на реката Пчиња, како и на поголема територија што е отстапена на тогашната покраина Косово и Метохија како најнеразвиена област во тогашната Југославија.
Имено, сите републики во тоа време морале да одвојуваат средства за развој на оваа покраина, а бидејќи Македонија била исто така неразвиена република, македонското раководство се согласило ние да го помогнеме развојот на покраината Косово и Метохија со тоа што ќе отстапиме дел својата територија за да се изгради фабриката за цемент кај Генерал Јанковиќ. Ваквиот гест требало да биде сфатен како помош од Република Македонија за развојот на Косово и Метохија.
Според тоа, статистички, територијата која се мери како хоризонтална површина останала иста, но катастарски во неколку наврати таа била намалена за 273 квадратни километри, колку што покажува збирот на површините на катастарските единици или атари во Република Македонија.
Конечно и Македонија има свои географски карти!
Се разбира, територијата на Македонија одамна предизвикувала интересирање на разни топографи и географи, па постојат голем број мапи уште од антиката, но за вистинска, стручна картографија поврзана со Македонија во денешната смисла на зборот може да зборуваме дури од средината на 19-ти век, кога најпрво Османлиите, а потоа и Австро-унгарците прават мошне точен топографски премер на целата територија на Македонија. Токму овие карти и мапи подоцна ги користи на пример српската армија, а меѓу двете светски војни врз нивна основа Германците изготвуваат нови топографски мапи.
Според тие мапи се изработувани сите други карти кои биле потребни за разни намени, особено за функционирање на власта што се воспоставувала по окупирањето на одредена област од Македонија. По ослободувањето, откако е создадена заедничка држава на овие простори, сите карти, мапи и други картографски изданија за Република Македоанија се изготвувале во Воено-географскиот институт во Белград, а Македонија како држава првите картографски изданија, со помош на Јапонија, ги подготви и ги издаде дури во 2006-та година. Сепак, за жал, Македонија се уште не располага со квалитетни стручни, сателитски снимки на својата терирорија за да може сосема прицизно да се пресмета буквално до последниот сантиметар државната територија заградена со вкупна гранична линија од околу 850 километри.
Сега во пресметките се користат податоците дека границата со Албанија е долга 191 километар, со Бугарија 165, со Грција 262 и со Србија заедно со границата во делот на Косово и Метохија – 232 километри. Се разбира дека како површина на државата се смета она што се добива како пресметка на хоризонталната проекција на просторот.
Според таквата хоризонтална пресметка, Република Македонија има 25.713 статистички квадратни километри површина меѓу граничните линии со Грција, Бугарија, Србија, Косово и Бугарија. Топографијата во однос на пресметката на површината не ги признава на пример оние 2.764 метри на Кораб, потоа 2.748 метри на Титов Врв на Шар Планина, ниту пак длабочината на Охридското езеро од 267 метри. Статистиката како државната територија ги признава само оние 349 километри рамна водена површина на езерото, на пример.
Разлика во Статистичка и Катастарска површина
Според топографските карти и статистичките податоци, кои лесно можат да се споредуваат со сите соодветни податоци и подоцнежни географскји мапи, факт е дека од Букурешкиот договор преку Париската мировна конференција до денес Република Македонија, односно само овој дел од Македонија, има изгубено 737 квадратни километри територија, што всушност е статистичка разлика меѓу територијата што ја добила Србија како воен плен од поделената етничка Македонија и територијата што денес ја има Република Македонија. Доколку се направи пресметка на отстапките на територија што се направени во неколку наврати, сигурно ќе се добие бројката што првенствено била определана како територија што ја добила Србија.
Ваквите корекции се насправени во еден период со Струмичкиот округ, потоа со размената на територија со Албанија кај манастирот „Свети Наум“, како и со подоцнежните отстапувања на дел од територијата кај Качаник и манастирот „Прохор Пчински“. По таквите промени сите следни топографски и географски карти ја бележат статистичката бројка од 25.713 квадратни километри. Тоа е бројката што се користи како податок. Таа бројка веќе подолго време е истата, не се менува, за разлика од таканаречената катастарска површина која во одредени периоди варира, а според последните пресметки е 24.432 квадратни километри.
За да привериме колку Република Македонија, како официјално призната држава во светот, има територија, консултиравме неколку учебници од пред триесеттина години, неколку атласи и енциклопедии. Во најголем дел од нив територијата варира од 25.432 до 25.713 квадратни километри. Во нашиот најнов географски атлас, издаден пред шест години, се користи бројката од 25.713 квадратни километри, но во една руска кратка енциклопедија од 2001-та година, Република Македонија има 25.710 квадратни километри или три квадратни километри помалку.
Која бројка е вистинската останува да се утврди тогаш кога ќе се направи прецизна сателитска снимка на државата, заедно со нов, релевантен попис на имотот и населнието.
Автор: Блаже Миневски / Think.mk