Автобусот број 50 повторно застанува во ГТЦ


На автобуската станица во Градскиот трговски центар од денеска повторно застанува автобусот број 50, кој сообраќа од Хиподром до Клиничкиот центар.

– Денес ја враќаме оваа линија на местото каде традиционално припаѓа. Го враќаме стариот дух на Градскиот трговски центар со намера да го заживееме онаков како што го знаеме од времето кога Скопје беше полно со радост, изјави градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска на симболичното пуштањето на автобуската постојка во ГТЦ.

Пред неколку години, како што рече, оваа автобуска постојка беше затворена поради неможноста двокатните кинески автобуси да влегуваат во подрумот на ГТЦ.

– Заедно со новото раководство на ЈСП „Скопје“ направивме напор барем една од укинатите линии повторно да се движи. Нашата цел, нашата идеја е да го вратиме животот во ГТЦ, кој е ремек дело на современата архитектура на авторот Живко Поповски, рече Шилегов.

Градскиот трговски центар, како што истакна, „го браневме со референдум и успеавме да го одбраниме и сега наша задача е на ГТЦ да му го вратиме животот“.

Изрази очекување дека ГТЦ на ова ниво повторно ќе заживее заради фреквентноста на луѓето.

– ГТЦ беше, е и ќе остане белег на Скопје и токму Градот Скопје на секој можен начин ќе партипицира во неговата ревитализација за да му го дадеме повторно фундаменталното значење кое што го имаше за градот, истакна скопскиот градоначалник.

Најави дека е во тек постапка и испитување на техничките можности Градот Скопје да финансира и изработи зелен покрив, со цел, како што додаде „да покажеме дека ГТЦ може да се сака на еден поинаков начин, без бронзи, стиропори и гипсови. ГТЦ е антологија на Скопје и така и ќе остане, рече Шилегов.

Директорот на Градскиот трговски центар Ѓоко Трајчевски најави дека во иднина на постојката во подрумот на ГТЦ ќе се врати и 57-ка.

– За нешто да живее треба да има движење на луѓе, не ми е јасна причината поради која овие две линии, 50-така и 57-ката беа одземени. Ние тука сме да ја исправиме грешката. Сега ја враќаме 50-ка, а во иднина и 57-ка со што ќе заживее и овој дел од ГТЦ, рече Трајчевски.

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ рече дека во 2015 година заедно со невладините организации и граѓанските движења почнаа битка за да го спасат изгледот на ГТЦ по кој е препознатливо Скопје и успеаа со референдумот.

– Денеска имаме нова битка – ГТЦ да добие нов дух и да го вратиме животот на ГТЦ и да го направиме поубаво место за сите, рече Богдановиќ.

Автобусот со број 50 кон Клиничкиот центар ќе сообраќа по изменета траса, по автобуската постојка „МНТ“ на улицата „Филип Втори Македонски“ ќе ја користи постојката во сутеренот на Градски трговски центар, а потоа ќе ја користи автобуската постојка „Центар-Рекорд. Автобусот од Клиничкиот центар кон Хиподром ќе сообраќа по постојната траса.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1