Со почетокот на 2015 година стартува и примената на повеќе законски решенија. Од 1 јануари сите хонорарци ќе треба да плаќаат придонеси. Владата измени пет закони за да ги стави во системот на плаќање придонеси оваа категорија на приходи. Придонеси ќе плаќаат сите кои остваруваат повисок приход од минималната плата, која за 2015 година е утврдена на 9.590 денари. Прво беше предвидено функционерите да не плаќаат придонеси за хонорарите, но потоа владата се премисли и ги стави и нив во групата со другите хонорарци.
Од 1 јануари идната година сите правни и физички лица кои оствариле над еден милион денари (16.000 евра), промет во претходната година стануваат ДДВ обврзници. Тие се должни до 15 јануари 2015 година да поднесат Пријава за регистрација за данокот на додадена вредност. Досега тој праг беше два милиони денари (32.000 евра).До 31 јануари сите обврзници треба да воведат и фискални каси со ГПРС уреди.
Утре државата ја укинува антикризната мерка со која компаниите во последните пет години беа ослободени од плаќање данок на секоја добивка која не беше распределена како дивиденда.Тоа значи дека сите фирми кои оствариле профит во текот на 2014 година, ќе треба да платат данок на добивка во висина од 10 отсто од разликата меѓу вкупните годишни приходи и расходи.
Од први јануари се доставува и извештај за задржан ДДВ во постапка за присилна наплата и присилно извршување.Ова го бараат измените на Законот за данокот на додадена вредност,кои пропишаа посебни одредби за начинот на постапување при пренос на движен и недвижен имот во постапка за присилна наплата односно присилно извршување, кога должникот е регистриран за ДДВ, пресметувањето и плаќањето на ДДВ на прометот на добрата кои се предмет на продажбата го врши субјектот надлежен за постапката за присилна наплата односно присилно извршување, во име и за сметка на должникот.
Од 1 јануари, исто така стартува обврската од Законот за енергетика, кој предвидува секој стан или куќа да добие енергетски пасош. Без овој документ сопствениците на станови и куќи нема да моќат да го продаваат својот имот. Ангажирањето на проценител на енергетската ефикасност чини од три до пет евра по квадратен метар.
Согласно Законот за управување со електрична и електронска опрема, од утре организирано ќе се собира електронскиот отпад и повеќе не ќе смее да се фрла со отпадот од други видови: сите производители и увозници на електрична и електронска опрема треба да се организираат како колективни постапувачи, самостојно да го собираат или да плаќаат одреден надоместок со кој ќе се покријат трошоците за собирање на отпадната електрична опрема.
Од првиот ден на 2015 година на сила стапува и нов закон кој предвидува „рампа“ за сопствениците на оние возила кои при техничкиот преглед за регистрација испуштаат големо количество на издувни гасови. Овие возила нема да се регистрираат.
Земјоделците од 1 јануари ќе треба да се пререгистрираат. Одложувањето на почетокот на пререгистрацијата на земјоделците од 1 јуни 2014 за 1 јануари 2015 година беше направено поради софтверско усогласување меѓу Министерството за земјоделство и Управата за јавни приходи.
Од почетокот на следната година Фондот за здравство ќе ги укине здравствените книшки, а ќе се употребуваат само електронските здравствени картички.
Граѓаните и компаниите во текот на наредната година ги очекуваат и други новини кои ги носта новите законски измени што се во собраниска процедура.