Што вели црквата: Дали треба или не, да се раздава храна на Задушница?


Во спомен на починатите, православните верници ја одбележуваат Задушница, еден од најголемите христијански празници. Сеќавајќи се на покојните претци, верниците на овој ден се молат за простување на гревовите. Во црквата се служи парастос, а по службата се посетуваат гробовите на најблиските, се пали свеќа, се чита молитва и се принесува жртва за спасение на починатите. Наспроти обичаите на гробовите да се носи и раздава огромно количество храна, од Македонската православна црква апелираат дека смислата на овој ден е во молитвата, а жртвата треба да се ограничи на варена пченица, вино и леб.

„Во православната црква имаме само безкрвни жртви. Сето друго кое се принесува, раздавањето, разното количество на храна подразбира и излишно нешто и може да се намени за некои подобри цели, отколку да се остава на гробиштата или да се раздава меѓу верниците. На пример, може да се искористи како жртва во името на починатиот и да се даде на сиромашните семејства кои сигурно ги имаме во зградата или во маалото каде живееме, потоа во народните или црковни кујни да се донира таа храна како количество кое би било употребено целисходно“ вели Отец Бобан Митевски.

Отец Бобан потенцира дека оваа Задушница уште се нарекува и Духовденска, но не поради душите на починатите туку поради празнувањето на Светиот дух, празници кои верниците честопати ги мешаат. Со симнувањето на на Светиот дух, токму според Христовото ветување, 50 дена по воскреснувањето, Црква ја започнала својата мисија и затоа Духовден е денот кој се смета за роденден на православната црква.

„Задушница е саботата пред Духовден, а Душовден трае три дена како празник. Првиот ден се нарекува ден педесетница затоа што во тоа време го славиме роденденот на црквата и слегувањето на Светиот дух врз апостолите. Затоа за починатите ја ограничуваме саботата, а потоа веќе не одиме на гробишта. Затоа и нема смисла она седење, престојување во текот на ноќта, па после полноќ, па гледање по шишиња да ги видат душите на починатите кои тогаш излегуваат. Значи тоа нема контекст во православното христијанство, ниту некаде стои во преданието на православната вера и црква, туку е остаток на некој паганизам“ вели Отец Бобан.

Во годината има три задушници, кои се разликуваат единствено во периодот на одбележување. Летната задушница е споена со Духовден, есенската е пред велигденските пости, а зимската задушница е пред Митровден.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1