Расте бројот на илегалните мигранти што доаѓаат од Авганистан, Сирија, Пакистан, Сомалија, Бангладеш и кои од Грција преку Македонија мигрираат во западните европски земји. Ваквата миграција е најчесто поврзано со организиран криминал шверц и трговија со луѓе, што дополнително го отежнува процесот на сузбивање, покажале истражувањата на невладината организација „Аналитика“.
Според сознанијата, во последните години се забележува и транзит на лица што доаѓаат од Азија и Африка, така што само во последните години бројот е зголемен за 100 отсто. Од 2010, кога се евидентирани 53 илегалци, бројот е двојно зголемен во 2011. Во првиот квартал од 2013 година, границата се обиделе илегално да ја поминат 193 лица од Азија и од Африка.
– Грчката граница и понатаму е најтранзитна, а тоа се должи на слабата соработка што ја имаат граничните полициски службеници – се наведува во истражувањето.
Македонското МВР досега неколкупати се пожали на слабата соработка со грчката полиција во борбата за сузбивање на нелегалните мигранти што бараат азил во европските земји.
Најголем проблем се јавува при спроведувањето на реадмисијата на мигрантите. Ако не може да се утврди идентитетот на лицето и да биде депортирано во земјата од каде што потекнува, треба да биде вратено во земјата од каде што преминало во Македонија.
Дневник