Како што најави Ангеловска, има и дополнителни расходи што се непродуктивни и ќе се кратат, а ќе бидат разгледани денеска на седница на Владата.
Има дополнителни расходи што се непродуктивни и ќе се кратат, покрај намалувањето на платите на функционерите и укинувањето на надоместоците за членовите на управни и надзорни одбори кои имаат приходи од друго место, најави денеска министерката за финансии Нина Ангеловска.
Таа информираше дека заштедата во Буџетот од намалувањето на платите на функционерите на минимален износ од 14.500 денари за април и мај, мерка што беше најавена вчера, ќе изнесува околу 250 милиони денари. Со мерката за укинување надоместоци за членови на надзорни и управни одбори за оние лица кои се во работен однос, односно добиваат приход и од друго место, заштедата е 250 илјади до 300 илјади евра на месечно ниво.
Како што најави Ангеловска, има и дополнителни расходи што се непродуктивни и ќе се кратат, а ќе бидат разгледани денеска на седница на Владата.
-Дополнително беше разговарано и во информацијата на Владата имаше предлог во вчерашниот пакет мерки да се намалат за 50 проценти авторските договори што ги имаат склучено институциите за вработените лица со приходи и од други места. Имаше и други предлози, во однос на исплата на прекувремени, дополнитени надоместоци и хонорари. Сето ова колку ќе чини во вкупен износ е потешко да се каже како груба бројка затоа што сите овие исплати од различни институции одат и од различни стакви, не значи дека одат само од ставката плати, туку и од договорни услуги и од други ставки. Во тој дел ќе биде предложено, сите овие ќе бидат ефектуирани во предлогот за кратење на расходната страна, односно реалоцирање на тие средства каде што е потребно да се реализираат дел за мерките, а дел за дополнитено обезбедување и трошење во здравствениот сектор, рече Ангеловска, одговарајќи на новинарско прашање.
Таа на прес-конференцијата објави дека расходната страна на Буџетот ќе остане 3,9 милијарди евра и покрај предвидените зголемени потреби за здравствениот сектор, како и економските мерки кои ќе се преземаат со цел амортизирање на ударот врз економијата, но оти ќе се промени нејзината структура со реалокации на буџетските ставки.