Пипа Мидлтон, сестра на принцезата Кејт, направи венчавка што ја следеа многубројни медиуми ширум светот и заклучокот е дека била одмерена, елегантна и со стил. Колку сето тоа чинеше? Упатените велат неколку милиони долари.
Пипа го избра родното место Баклбери за венчавката. Информациите велат дека на Пипа и на сопругот Џејмс некои од трошоците им ги покриле организаторите, за на тој начин да се рекламираат.
Поканите за венчавката биле 4.500 долари, додека креацијата на венчаницата на Пипа, со потпис на Жил Декон, чинела 52.000 евра. За чевлите биле издвоени околу 2.500 евра.
Младенците на венчавката дошле во винтиџ автомобили, а исто така обезбедиле 50 ленд-ровери за гостите и обезбедувањето што се грижело во текот на денот сè да помине во најдобар ред. За оваа ставка биле издвоени 26.000 долари.
Гостите на свадбата, меѓу другото, уживале и во пилотски акробации со авиони од Втората светска војна, за што биле издвоени 6.500 долари.
На венчавката се испиле 50 шишиња шампањ „дом руинарт“ од 2002 година, за што биле потрошени 26.000 долари. За вино, пак, 66.000 долари.
Свадбената торта што ја направиле од „Домино пурчас контепорери кејкс“ чинела 18.000 долари.
Стаклениот павилјон во преубавата англиска природа чинел 130.000 долари. Толку чинел закупот за три дена, а вклучено било и монтирање и демонтирање на објектот на имотот на семејството Мидлтон.
Белите и розови нежни рози биле главна декорација на имотот, а за овие украси биле потрошени 20.000 долари.