100 евра за воспалено уво, а 3.600 евра за напад на бубрег – еве колку ќе ве закрпат на одмор


Сончаница, колапс, воспаление на уво, скршеници, напади на бубрег, вируси или бактерии, па и итни хируршки интервенции се само дел од здравствените проблеми со кои може да се соочат граѓаните на годишен одмор. За нив, ако не зеле формулари за државно осигурување или не купиле патничко осигурување, може да платат од 50 евра до над 10.000 евра. Кога ќе се вратат во земјава, парите за итната помош што им била потребна може да ги бараат да им ги врати Фондот за здравство, каде што ќе се одлучува дали потребата од лекар била итна. Со осигурување, пак, за трошоците се грижат државата или осигурителна компанија.

Образец за бесплатен лекар

mito-lekar-doktorЗа да плати само партиципација при итна интервенција во странство, а не целосна цена за услугата, македонскиот осигуреник треба пред да појде да земе двојазичен образец од Фондот за здравство. Меѓутоа тој важи за група земји со кои оваа институција има потпишано договор, а се добива откако осигуреникот ќе појде на неколку прегледи и ќе се појави пред лекарска комисија.

Овој образец важи само во државни здравствени установи во земјата каде што се летува, односно во амбуланти и во болници што се под државна капа или под државна здравствена каса. Така пациентите што имаат образец, доколку им треба лекарска помош, треба да прашаат дали им важи во установата.

При итна помош во странство македонските граѓани се третираат како да се граѓани на земјата каде што летуваат и за нив важат истите услови за плаќање здравствени услуги, како и за државјаните на земјата каде што привремено престојуваат.

osiguruvanje

Доколку пациентот патува во земја со која Фондот нема договор или не зел образец, објаснуваат од Фондот, ќе треба да плати за услугата, а потоа кога ќе се врати, може да бара поврат на пари од оваа институција. Дали ќе добие ќе се решава врз основа на тоа дали потребата од лекар навистина била итна. Доколку одобри лекарска комисија, осигуреникот добива 80 отсто од парите.

Осигурителните компании кај нас нудат повеќе видови патничко осигурување, со кое, наместо граѓанинот, осигурителна компанија ги покрива трошоците за здравствена грижа во итни случаи.

Патничките осигурувања, додаваат, може да се извадат за период од неколку последователни дена, но и со важност од три, шест или од 12 месеци во чии рамки клиентот избира колку денови ќе му важи осигурителното покритие и овие денови може да ги искористи кога било во текот на периодот на важност, без тоа да биде последователен престој. Ова не ја менува цената на осигурувањето.

Колку чинат преглед и интервенција?

Прегледот или интервенцијата доколку граѓанинот нема осигурување има различна цена во различни установи или држави. На пример, според податоци на осигурителни компании, кои плаќале за трошоците на оние што имале полиса, во Грција за обичен преглед цената што треба да се плати достигнува и до 60 евра. Во случај на воспаление на уво цената може да стигне до 100 евра, а за скршеница над 100 евра. Посериозните третмани, болнички лекувања со болнички престој и хируршки интервенции може да достигнат цена и во илјадници евра.

Во Турција овие услуги се речиси двојно поскапи.
Трошоците за транспорт со болничко возило до Македонија во практика може да бидат од 500 до 800 евра, во зависност од која земја се пренесува патникот.
За напад на бубрег, компаниите платиле 3.600 евра, за акутна исхемија 4.400 евра.

За кои земји може да се земе државно осигурување

Двојазичните обрасци на Фондот за здравство, кои се всушност државно здравствено осигурување за итни случаи кога пациентот патува, важат во Германија, Австрија, Турција, Хрватска, Словенија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Босна и Херцеговина, Чешка, Холандија, Луксембург, Белгија, Франција и во Италија.
Под итна и неопходна здравствена заштита се подразбира користење здравствени услуги чие давање не може да се одложи до планираното враќање во Македонија.
Ако пациентот нема двојазичен образец или, пак, патува во држава со која македонскиот фонд за здравство нема договор, тогаш откако ќе си ја плати услугата, може по враќањето во Македонија да побара поврат на пари. Ако Фондот заклучи дека услугата била итна, ќе му врати 80 отсто од парите.

Документи за двојазичен образец

– осигурениците треба да појдат во подрачната служба на Фондот и да поднесат пријава за задолжително здравствено осигурување

– да пополнат барање (ПП1) за издавање двојазичен образец за остварување право на здравствено осигурување за време на привремен престој

– да приложат потврда за здравствената состојба издадена од матичен лекар (општ и гинеколог за жени) и наод, оцена и мислење на лекарската комисија на фондот.

извор: Нова Македонија

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1