По повод денот на албанското знаме, на плоштадот во Лабуништа беше подигнато знамето на Република Албанија на 20-метарски јарбол. Алија Тафили од ова село, каде што најголемиот дел од жителите се припадници на албанската етничка заедница, вели дека и по поставувањето на албанското знаме, лабуништани остануваат лојални граѓани на Република Македонија.
Според него, инцијативата за подигнување албанско знаме во Лабуништа била покрената пред две децении, но, подвлекува, тогаш не биле созреани условите за тоа.
– Ова е знаме на Албанскиот народ од Струга до Америка, и тука нема ништо спротивно од законот. Ние немаме предрасуди. Ова е јарбол, а кога имаме празници верски и државни ги поставуваме сите знамиња, и албанското, и државното знаме. Со ова немаме никакви територијални претензии, вели Тафили.