Во овој период цените во Скопје се движат од 850 до 1.200 евра за квадратен метар во зависност од локацијата. Има објекти што се продаваат по цена и од 790 евра, но тие се исклучиво на периферните и не толку атрактивни населби во Скопје. Во центарот на градот цените и понатаму се околу 1.200 евра, а како што се оди кон периферијата, тие се намалуваат. Во Аеродром од некогашните 1.200 плус данок на додадена вредност, сега се продаваат по цена од 1.000 евра со вклучен ДДВ, а слични цени има и во Карпош.
Индексот на цената на становите во Скопје во последниот квартал од 2014 година бележи пад од 5,3 проценти, покажуваат податоците на Народна банка на Република Македонија. На годишна основа намалувањето е 0,6 отсто. Според НБМ, намалувањето на цената е поради континуираниот пораст на понудата на станови. Кумулативната вредност на станбени објекти изградени во периодот 2011-2014 година е за 72 отсто повисока во однос на периодот 2007-2010 година. Пораст има и на страната на побарувачката на станови во четвртиот квартал од 2014 година, а според НБМ, тоа се должи на подостапните станбени кредити.