Телото на Мите Наумовски беше пронајдено во црна најлонска кеса во багажник на автомобил во 2011 година, цели 11 дена по неговото исчезнување.
Над 14 години затвор добија две лица обвинети за убиство на македонски иселеник во Австралија. Судот во Перт утврди дека Паоло Нунцио Стањо (30) и Даниела Ковач (28) се виновни за смртта на Мите Наумовски (38) во 2011 година, поради што ќе треба да одлежат девет, односно пет години и четири месеци во затвор, објавија денеска австралиските медиуми.
Според нив, причина за злосторството биле нерасчистени сметки за дрога. Телото на Наумовски со шест прострелни рани било пронајдено во црна најлонска кеса во багажникот на еден автомобил паркиран во близина на еден мотел во Перт. Неговото тело беше пронајдено 11 дена по исчезнувањето.
Наумовски најпрво бил нападнат во неговиот дом, а потоа тој сам вооружен со „томахавк“ и лисици тргнал да го најде напаѓачот. Подоцна бил убиен од Стањо. Ковач му помогнала да го завиткаат телото во најлонска вреќа и да го стават во багажникот на автомобилот.
Стањо веќе е во затвор поради друго кривично дело, а на слобода најрано може да се надева во 2024 година.