Министерство за здравство соопшти дека ќе направи целосна анализа за трагичниот настан во кој почина 15-годишно момче за време на операција на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
„Првичните информации говорат дека станува збор за малигна хипертермија која се случува во многу ретки случаи кај пациенти кои имаат генетска предиспозиција. Целиот кадар на Клиниката за ортопедија бил максимално ангажиран во напорите да се спаси момчето“, стои во соопштението од Министерството.
Од Клиниката се сомневаат дека станува збор за малигна хипертермија, но тоа сѐ уште се испитува.
– Станува збор за ретка генетска мутација, при која има патолошки одговор на клеточно ниво на анестетици. Во ваков случај практично анестетиците штетно делуваат на самите клетки и доаѓа до ненормален одговор на организмот на анестетикот. Причината не е до самиот анестетик, бидејќи тие анестетици со години ги користиме, ниту пак станува збор за алергиска реакција. Самата генетска мутација влијае анестетикот да влијае штетно на целиот организам, со зафаќање на белите дробови, срцето, црниот дроб. Во случајов најголема реакција имало кај белите дробови – изјави д-р Маја Мојсова, управителка на КАРИЛ за порталот СДК.мк.
Исто така, наведуваат од Министерството, формирана е и комисија на Клиниката која ќе го анализира случајот и по добивање на официјалните резултати од обдукцијата ќе се соопштат транспарентно на целата јавност. Во наредните денови се очекуваат и официјалните резултати од Институтот за судска медицина.