На железничката станица во Велес полицијата пронајде околу 150 лица, кои илегално влегле во земјава. Тие биле сокриени во товарен воз, кој доаѓал од Гевгелија и превезувал јаглен. Според нивните сведочења, сите се бегалци од Сирија.
– Бегаме од граѓанската војна во Сирија. Сакаме да одиме на Запад, во Сирија не се живее. Оставивме цели фамилии, но мораме да бегаме. Не сакаме да гинеме. Ниту сакаме да се вратиме назад или во Грција, исплашено велат дел од нив.
Нивната облека целата беше црна од јагленот и вагоните каде се криеле. Имаше и три жени, но и деца по 15-16 години. Меѓу нив има и студени, фамилијарни луѓе кои со тага ја покажуваа семејната фотографија со нивните деца и сопруги.
Но имаше и луѓе со лузни од рани, кои биле повредени при бомбардирањата. Објаснуваа дека повеќето се од Дамаск, но ги имаше и од Алепо како и од други сириски градови.
Групата според нив брои околу 150 лица,а беа чувани од велешките полицајци, кои ја чекаа граничната полиција да ги преземат бегалците. Досега вака бројна група на емигранти не е фатена во Македонија. Патниците на железничката станица, на бегалците им понудија дел од храната, оти тие беа гладни.
извор: Утрински весник