Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 51. седница ја изгласа одлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировна операција во Авганистан во состав на меѓународните сили за безбедносна поддршка на Авганистан – ИСАФ.
Заменикот министер за одбрана, Емил Димитриев во образложението нагласи дека учеството во рамки на НАТО предводената мисија ИСАФ во Авганистан беше прв придонес на Република Македонија кон мирот и стабилноста надвор од нејзините граници.
Придонесот кој започна во август 2002 година со симболично испраќање на двајца офицери во рамки на турскиот контингент, нагласи, постепено еволуираше во ротација на досега 2.122 македонски мировници и во национален придонес кој денеска е еден од најголемите по глава на жител во Авганистан. Од 2002 година досега, Република Македонија има извршено 23 ротации во мисијата ИСАФ во Авганистан со учество на 2122 мировници.
Ова, рече Димитриев, е 24 ротација на македонски припадници во мисијата ИСАФ во Авганистан која брои вкупно 157 припадници на Армијата на Република Македонија. Се работи за една механизирана пешадиска чета во состав од 150 припадници на АРМ за обезбедување на командата на ИСАФ, двајца штабни офицери во командите на ИСАФ и, пет припадници на АРМ во состав на наменските сили за партнерство и советување (НСПС) за поддршка на третата бригада од 209-от корпус на Авганистанската национална армија.
Република Македонија ќе учествува во мисијата ИСАФ се до нејзиното завршување во 2014 година според определената динамика од НАТО. Учеството по 2014 година ќе се одвива во облик кој ќе биде дополнително определен од страна на државното раководство и НАТО.
фото – DW