Бегството од Витлеем, неколкугодишното живеење во Египет, враќањето во Назарет и случката во ерусалимскиот храм кога имал 12 години се, практично, целата биографија на Исус Христос содржана во четирите евангелија до неговото крштевање на 30 години.
Всушност, детаљни податоци за неговиот живот и настаните се наведуваат дури потоа, од моментот кога почнува да проповеда до неговото распнување и воскреснување, кое христијанските верници ќе го чествуваат утре. Разликата меѓу податоците дадени за животот на Исус е очигледна и голема и води кон прашањето зошто во евангелијата нема други податоци што правело неговото семејство во периодот од неговото раѓање до почетокот на третата деценија од животот.
Затоа, тој долг период останува енигма – што работел и што се му се случувало на Исус Христос. Најраширено е мислењето дека тој живеел со своето семејство помагајќи му на својот очув, кој бил дрводелец. Енигмата се засилува кога во евангелијата ќе се најдат зборовите што укажуваат дека тој имал и „браќа и сестри“, при што дилемата е дали тие му биле вистински, дали се децата на неговиот очув Јосиф од првиот брак или се мисли на роднините?
Евангелистите пишувале за конкретни дела
Нешто биографско постои само кај евангелистот Лука, но таму, пак, воопшто не може да се сретне податок дека семејството на Исус престојувало во Египет неколку години. Наместо тоа, се спомнуваат само неговото донесување во храмот како мало бебе, враќањето во Назарет и појавувањето како 12-годишник во ерусалимскиот храм на празникот Пасха.
Таа епизода во која Исус таму останал три дена, а неговите загрижени родители на крајот го нашле како разговара со свештениците, практично е единствената случка од неговото триесетгодишно живеење.
„Зошто сте ме барале? Зар не знаевте дека јас треба да бидам во тоа што е на мојот отец?“, бил одговорот на Исус на неговата мајка Марија кога таа го прекорила поради отсуството. Неколку стихови понатаму се посочува дека тој „напредуваше во мудроста и возраста и во милоста кај Бога и кај луѓето“, за потоа да следува приказната со неговото крштевање од страна на Јован и настаните што следувале во наредните три години.
– Евангелијата ги пишувале учениците на Исус Христос и тие го запишувале тоа што го гледале и тоа што им е пренесено. Учениците не можеле да знаат за настаните што се случувале пред триесет години, за неговото детство, растење… Во тоа време луѓето биле сметани за полнолетни дури кога ќе наполнеле 30 години. До таа возраст немале право да поучуваат некого. Општо се смета дека Исус имал нормален живот во првите три децении, без посебни настани – наведува монсињор Циримотиќ.
Дневник