Дали е виновен анестезиологот, двајцата гинеколози или сите заедно ќе одговараат за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното новороденче кои пред две години починаа во гевгелиската болница? Сеуште без епилог е судскиот процес во велешкиот суд во кој се обвинети тројцата лекари кои обвинителството ги товари за тешки дела против здравјето на луѓето. Од царски рез кој требаше да донесе нов член на семејството, Маја и бебето на 23 октомври 2015 година завршија на обдукција во Судска медицина. Според обвинителниот акт, на почината родилка иако немала индикација за породување и закажале царски рез. Операцијата доцнела бидејќи го немало анестезиологот кој пристигнал пијан, но и покрај тоа интервенцијата не била откажана. Поради неправилно дадена анестезија не успеале да ја интубираат и Маја починала од задушување.
Интернист, педијатар, акушерки се само дел од сведоците кои се појавија во досегашниот судски процес. Сопругот на починатата Маја е убеден дека на крајот правдата ќе биде задоволена.
– Правдата мора да биде задоволена и да одговараат за тоа што го сториле. Тие повикуваа и сведоци да сведочат во нивна корист, но, тоа не може да ги извлече од вината што оставија зацрнето семејство и дете без мајка, вели Мите Кадиев, сопруг на починатата родилка
На трагичниот настан во гевгелиската болница имало двајца анестезиолози, од кои едниот почина минатата година. Кај нив беше утврдена поголема количина на алкохол во крвта а Лекарската Комора им ги одзема лиценците за работа до завршување на судскиот процес.
Sitel.mk