Судирите меѓу полицијата и демонстрантите во Киев продолжија во текот на ноќта и утрово. Според најновите информации, загинаа дваесет и пет луѓе додека во болница се примени 241 лице од кои и 79 полицајци и петмина новинари, соопшти украинското Министерство за здравство.
Во немирите загинаа девет полицајци и новинар. Властите го соопштија и името и националноста на загинатиот новинар. Станува збор за Вјачеслав Веремиј новинар на украинскиот дневен весник Вести. Тој подлегнал на огнострелни рани здобиени ноќеска во близина на плоштадот Независност. Истиот новинар беше повреден во јануари за време на судирите меѓу демонстрантите и полицијата кога загибу дел од видот.
Последниот напад на полицијата врз демонстрантите се случи во четири часот утрово по локално време. На плоштадот во Киев и неколку споредни улици се слушнаа големи експлозии. Полицијата употреби солзавец и водени топови во обид да ги растера демонстрантите кои запалија гуми и дрва. Во близина на плоштадот горат неколку згради меѓу кои и зградата на синдикатите што ја користеа демонстрантите за свој штаб.
Полицијата презеде офанзивни акции за да ги растера демонстрантите од плоштадот, кој е центар на тримесечните протести против претседтаелот Виктор Јанукович.Демонстрантите успеаја да се заштитат зад барикади од дрва и гуми што горат. Полицијата употреби и водени топови, додека демонстрантите фрлаа врз полициските сили со Молотови коктели.
Опозициски активисти укажуваат дека цифрата на повредени е над илјада.Киевските болници не се во способност да се справат со се п оголемиот број повредени луѓе.
Претходно, еден од опозициските лидери Виталиј Кличко изјави пред демонстрантите: „Нема да си одиме оттука. Тоа е остров на слободата. Ќе го заштитуваме“.
Амбасадата на САД во Украина ги повика сите американски државјани во Киев да не излегуваат надвор, да го избегнат насилството по улиците. Опозициската украинска телевизија „Канал 5“ го прекина емитувањето во цела Украина. Нејзин претставник рече дека таа ќе емитува програма само преку Интернет, а нејзината веб страница воопшто не работи.
Синоќа не беше постигнат договор меѓу украинскиот претседател Виктор Јанукович и опозициските лидери.
Според него, лидерите на опозицијата ги погазиле основните принципи на демократијата и додаде дека власта се добива не на улица и плоштади туку во изборни единици. Тој рече дека опозицијата ја преминала границата откако ги повикала луѓето да земат оружје, а според него тоа е „непочитување на законите“.
– Престапниците треба да бидат изведени пред суд кој ќе им додели казни. Тоа не е мој повик, тоа е моја обврска како гарант за Уставот – да обезбедиме мир во државата, потенцира Јанукович.
Претседателот ги повика лидерите на опозицијата да се стремат за мирно решавање на кризата и да се дистанцираат од „радикалните сили кои предизвикуваат крвопролевања и судири со властите“. Во спротивно, според него, „со нив ќе се води поинаков разговор“.
Раша тудеј објави дека полицијата во Киев користела снајпери со гумени и боеви куршуми со кои пука врз опозициски лидери на бината во централниот дел од плоштадот. Опозицискиот лидер Александар Турчинов ноќеска бил ранет додека бил на бината и се претпоставува дека е погоден од снајпер.
Во Киев речиси три месеци траат проевропски протести покренати откако Јанукович во ноември се откажа од потпишување на Договорот за асоцијација со Европската унија.