„Вирусот го добив по сексуален пат. Мислев дека тоа не постои кај нас и оти мене не може да ми се случи. Во принцип, секогаш користев заштита при сексуалните односи, но, ете, се случи. Во два-три случаи потфрлив во доследноста“. Вака ја почнува својата исповед едно момче од Скопје за тоа како едно мало невнимание во сексот пред околу четири години му ја донело неизлечивата ХИВ-инфекција.
Неговата матична лекарка, сепак, се посомневала дека покачена температура и зголемените лимфни жлезди може да се поради ХИВ и веднаш го испратила на испитување на Инфективната клиника. Но, на момчето ни на крај памет ни му било дека може да се работи за ХИВ-инфекција, па се шокирал кога дознал за дијагнозата, пишува Утрински.
Во почетокот ХИВ-инфекцијата ја криел од своето семејство и од другите блиски и пријатели, зашто не знаел како ќе реагираат. По неколку месеци, кога стекнав сигурност што значи да се живее со ХИВ, им кажав на повеќе блиски пријатели и добив голема поддршка“, вели овој млад човек . Тој е вработен и, како што вели, има голема среќа што работната средина не е голема и е доста информирана за овој проблем, па има поддршка, иако смета дека ова е вистински раритет во Македонија
Смета дека во Македонија може да се живее со ХИВ. „На ХИВ мислам само два пати на ден, кога треба да ги земам таблетите. Правам се’ што правев и претходно – работам, се дружам, спортувам, можам да водам љубов. Единственото на што внимавам е секогаш, без исклучок, да користам заштита при сексуален однос, бидејќи навистина не сакам никого да изложам на ризик“, објаснува момчето.
Тој смета дека треба да се работи на подигнување на ниското ниво на познавање на овој проблем кај општата јавност, бидејќи е тоа причина да има силни предрасуди, обележување, па дури и случаи на дискриминација на луѓето со ХИВ.