Во текот на новогодишната ноќ на Клиниката за токсикологија се примени 30 лица под дејство на алкохол, од кои 60 отсто се машки, а 40 отсто женски лица, малолетни под 18 години биле шест, од кои најмалата има 14 години.
– Главно се работеше за интоксикации со алкохол, додека во три случаи биле со марихуана и со психоактивни супстанци како што се екстази и други разни таблети, изјави в.д. директорот на Клиниката, Нестор Поповски кој додаде дека сите примени лица завршија добро, испратени се дома и никој не е задржан на натамошно лекување.
Посочи дека од трите лица кои биле примени со марихуана едното било малолетник, а двајцата биле повозрасни.
Директорката на Клиниката по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Јасмина Чабуковска информира дека во текот на вчерашниот ден се прегледани 97 пациенти, од кои во попладневните и вечерните часови се прегледани 43, од кои шест се повредени во сообраќајки, шест се повредени во тепачки, а останатите се повреда при пад на лизгав терен или дома и болки во стомакот.
– Од нив се хоспитализирани тројца, една пациентка е од сообраќајка примена на Одделот за трауматологија со повреди на главата, а вториот случај е пациентка повредена при пад дома со фрактура на бутната коска и еден пациент е со перфориран чир на дванаесетпалачно црево кој не е дел од новогодишните прослави, но е опериран непосредно пред полноќ, рече Чабуковска.
Посочи дека во однос на претходните години изминатата ноќ во однос на повредите помина мирно.
Директорката на Здравствен дом Скопје Татјана Баевска Вучковиќ истакна дека Здравствен дом Скопје преку своите служби за итна медицинска помош и дежурните ноќни пунктови имаше весела и мирна новогодишна ноќ благодарение на почитување на препораките кои ги упатиле во пресрет на новогодишна ноќ, како и здравствените едукативни работилници кои како трет циклус ги реализирале во средните училиште во трета и четврта година.
– Во текот на новогодишната ноќ имаше вкупно 62 интервенции, од кои осум транспорти на алкохолни интоксикации и едно малолетно лице. Во раните утрински часови имаше сообраќајка со повреда на еден од патниците кој е транспортиран во Ургентниот центар. На осумте дежурни пунктови 135 граѓани се упатиле за здравствена заштита, 145 интервенции се реализирани на пунктовите. Од овие 135 лица, три лица биле со алкохолни интоксикации, од кои едно лице било малолетно, рече Баевска Вучковиќ и додаде дека на телефонската линија за медицински совет „Ало докторе“ каде во текот на изминатата ноќ се јавиле 80 лица претставува големо растеретување за итната медицинска помош.
Д-р Христијан Костов од Ургентниот хируршки центар при Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедија, реанимација и интензивно лекување рече дека во текот на новогодишната ноќ во таа јавна здравствена установа биле примени 63 пациенти, од кои 12 биле повредени во сообраќајна незгода, а шест во тепачка.
Појасни дека пет пациенти биле примени на Клиниката, односно тројца биле примени на Клиниката за трауматологија, двајца со повреди на потколеницата и еден со повреда на вториот слабински пршлен.
– Едниот пациент е оперативно згрижен, еден повреден е примен на Клиниката за неврохирургија кој е со телесни повреди и еден пациент со посериозни повреди е примен на Клиниката за реанимација и интензивно лекување и е на механичка вентилација. Сите други пациенти се во стабилна општа состојба, додаде Костов.