Кавга за сообраќаен прекршок што се случила во скопската населба Бутел е причина за синоќешното убиство во скопското село Љуботен.
Дваесет иедногодишно момче од селото Љуботен, идентификувано како Т.Б. е осомничено дека со автоматска пушка го убил триесетгодишниот Џеваир М. од селото Раштански пат, нанесувајќи му прострелна рана во градниот кош.
Според информациите на МВР, на убиството му претходела расправија и физички напад што се случиле во четвртокот попладне на кружниот тек во скопската населба Бутел пoради сообраќаен прекршок.
Семејството на осомничениот подоцна го повикале Џеваир да појде во Љуботен за да ги расчистат недоразбирањата. Кога стигнале на влезот од селото, Џеваир и неговиот помлад брат биле повикани во близина на џамијата.
Таму почнале да разговараат со таткото и двајцата браќа на осомничениот, кој од нива во близина испукал еден куршум којшто бил смртоносен за Џемаил.
Тој бил пренесен во болницата „Свети Наум Охридски“, но лекарот констатирал смрт.
Лицата кои го донеле Џемаил во болница го посочиле Т.Б. дека е сторител на убиството.
За инцидентот приведени се четири лица и со нив е извршен разговор, а осомничениот за убиството е во бегство.