Трендот на одбивање вакцини за децата во земјава продолжува. Според официјалните податоци на Државниот санитарен и здравствен инспекторат до кои дојде zdravstvo24, во 2013 година дури 47 родители заработиле прекршочни пријави поради невакцинирањето на децата со вакцините од задолжителниот календар за имунизација.
Од нив 10 се за ХПВ вакцината која е задолжителна за девојчињата на 12 годишна возраст. Останатите 37 се за дитепер, МРП, полио…А законот во тој дел е јасен – Глоба во износ од 300 до 650 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице, ако:
6) одбие вакцинирање за болестите утврдени во членот 33 на овој закон или заштита
со специфичен имуноглобулин (член 34) или заштита со лекови (член 36);
Член 33
Имунопрофилакса се спроведува со вакцини (вакцинација) или со примена на специфични имуноглобулини (серопрофилакса).
Вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб) и вирусен хепатитис Б.
Вакцинација по епидемиолошки индикации се спроведува против тетанус, вирусен хепатитис Б, беснило, жолта треска, цревен тифус, грип и менингококов менингитис.
Надлежните признаваат дека во последно време има негативен тренд кај родители кои одбиваат нивните деца да примат вакцина. Има дури такви чии деца воопшто не примиле ниту една вакцина од задолжителниот календар. Но токму овој тренд според епидемиолозите резултира во псоелдните месеци да има зголемен број на заразени со морбили…заразна болест која може да остави и сериозни последици кај болниот.
Од друга страна, според информации на zdravstvo24, се повеќе родители бараат од службите задолжени за имунизација да го боцнат нивното детер со вакцина која ја набавиле во Србија или Грција..Ако тоа не им пројде имало и случаи кога мајката ја покажала книшката со печат дека детето примило вакцина во Врање. Надлежните со предупредување – ниту еден здравствен работник не смее да вакцинира дете со купена вакцина туку само со оние што ги добиваат од Министерството за здравство кои се безбедни и проверени. Проблемот, како што велат епидемиолозите е што таквите вакцини никој не знае како се купени, како се донесени во Македонија и дали се чувани на соодветна температура.
Од друга страна лекарите не најдоа начин да ги смират родителите дека вакцините се безбедни – посебно ХПВ вакцината за која светските медиуми објавуваат стотици примери и стории за нус појави и негативни ефекти од истата.