5 загинати специјалци, 30 повредени – официјални информации за Куманово


Петмина полицајци загинаа, а 30 се повредени во полициската акција што во сабота беше изведена во Куманово, соопшти вечерва министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Во акцијата загинале полицајците Жарко Кузмановски(1981) од Брвеница, Ненад Серафимовски(1987) од гостиварско Зубовце, Сашо Самојловски(1982) од Брвеница, како и уште двајца припадници чиишто семејства допрва ќе бидат известени, а чиј идентитет не е соопштен.

 Даниел Краљевски / Think.mk

Даниел Краљевски / Think.mk

„Ова се петмината херои кои денеска ги дадоа животите за Република Македонија“, рече Јанкулоска.

Таа во лично име, и во име на граѓаните на Република Македонија, изрази сочувство до семејствата на настраданите полицајци.

„Вечно ќе ја паметиме и храброста на сите останати кои учествуваа во денешната акција и оние над триесетина припадници на специјалните сили кои беа повредени во активностите што ги имавме денес. Сите тие покажаа невидена волја и пожртвуваност за заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, без разлика на нивната етничка припадност и вероисповест“, рече Јанкулоска.

Додаде дека сите заедно се бореле против исклучителна терористичка опасност, која била огромна закана за државните институции, но најмногу за мирот и безбедноста на граѓаните.

Според Јанкулоска, големата група чијашто бројност уште не е соопштена, е составена претежно од државјани на „соседна држава“, но оти во неа имало и државјани на Македонија, а имале и логистика во земјата.jankulovska

Шестмина од повредените полицајци настрадале при чистењето на теренот, откако поголема група на терористи одлучила безусловно да се предаде.

„Тоа покажува колку бесмилосни и одлучни во своите намери се овие радикални структури“, нагласи Јанкулоска, при тоа додавајќи дека акцијата на теренот сѐ уште трае и ќе продолжи сѐ додека не биде неутрализиран и последниот терорист.

Таа појасни дека МВР во сабота наутро започнала акција против терористичка група, која, како што рече, сакала да го искористи моментот во кој се наоѓа државата и имала за цел да организира напади врз државни институции.

Групата преку свои помагачи била засолнета и утврдена во кумановската Дива населба.

„За колку сериозна група станува збор, говори и фактот што членовите на истата пружаа жесток отпор дури и после цели 16 часа непрекинато пукање. Фактички беа добро утврдени, ја напаѓаа полицијата со различни фрлачи на гранати, бомби , автоматско оружје и снајпери. Министерството за внатрешни работи одговори соодветно“, рече Јанкулоска.

Screenshot_149
Според неа, полицијата постапила исклучително внимателно и вложила огромни напори да се спасат евентуални цивилни жртви.

Отпорот на поголем дел од терористичката група бил совладан нешто по 18 часот и првата група од околу дваесеттина лица се предаде.

Јанкулоска на крајот рече дека нема информација за загинати цивили, но дека има сознанија за загинати меѓу терористите, но дека таа бројка не е позната.

„Ситуацијата на терен е сѐ уште високо ризична“, додаде Јанкулоска на прес-конференција во МВР.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1