Шест Македонки од групата од 27 македонски државјанки кои биле трудово експлоатирани во Холандија се дел од истрагата против Холанѓанец, сопственик на фарма за печурки на која работеле нашинките, а кој е обвинет за трговија со луѓе. Тие во 2012 година на интернет нашле оглас за работа во Холандија, па преку претставничка на фирмата во земјава заминале на печалба.
Трудова инспекција при контрола на фармата открила дека Македонките биле затворани во бараки, пасошите им биле одземени, а не им биле исплаќани плати како што било предвидено со договорот кој го потпишале пред да отпатуваат. Македонките што одлучиле да сведочат против газдата како жртви на трговија со луѓе останале во Холандија згрижени во шелтер-центар, а останатите биле вратени во Македонија.
Без пари, малтретирани и понижувани. Ова е судбината на многу македонски државјани кои во потрага по работа во странство завршиле како жртви на трговија со луѓе. Експертите предупредуваат дека во јавноста треба да се актуализира проблемот на трудова експлоатација за да можат граѓаните да препознаат и да се заштитат од лажните понуди за работа.
– Македонски државјани на возраст меѓу 18 и 40 години често се жртви на трудова експлоатација во земјите на ЕУ каде што бараат работа. Таму заминуваат преку огласи на интернет или потпишуваат договори со сомнителни фирми од земјава и од соседството. За жал, имало примери да стануваат жртви на трговија со луѓе, да им се ограничи слободата на движење, да не им се исплаќа трудот, а понекогаш биле и малтретирани – вели Санде Kитанов, началник на единицата за борба против трговијата со луѓе во МВР и член на Националната комисија за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција.
Дневник