73 години од бруталната одмазда на Американците која што однесе 140 илјади животи


Јапонија денес ја одбележува 73-годишнината од американскиот нуклеарен напад на градот Хирошима – првиот таков напад со разорното оружје во историјата на човештвото.

Од 6-ти август 1945-та година кога американската армија ја фрли атомската бомба на јапонскиот град со што го забрза процесот на ставање на крај на Втората светска војна, до крајот на таа година од експлозијата и од повредите и болестите предизвикани од радијацијата, животот го загубиле над 140 илјади луѓе.

Во следните години, па се до денес, голем број од преживеаните умираа од разни болести предизвикани од радијацијата, па никој со сигурност не може да каже кој е билансот на загинати во разорниот напад.

Од тој напад, се до 2016-та година кога во Јапонија пристигна Барак Обама, ниту еден американски претседател го немаше посетено градот. Пред две години, поранешниот американски претседател положи венец во меморијалниот парк во Хирошима, а таа посета беше означена како историска.

Обама им оддаде почит на жртвите и се ракуваше со некои од тие што го преживеале нападот. Тој иако не се извини, изрази надеж дека ужасите од Хирошима ќе придонесат за „моралното будење“ на човештвото.

Бомбардерот „Б-29“ наречен „Енола Геј“ на 6-ти август 1945-та година во 8:15 часот по локално време, од висина од околу 9,600 метри ја фрли бомбата наречена „Малото момче“ која што после 43 секунди експлодирала на 600 метри над тлото. Се проценува дека температурата во средиштето на експлозијата достигнала од 3 до 4 илјади Целзиусови степени, па луѓето кои што биле точно под бомбата на отворено, практично во дел од секундата испариле.

Сите кои што биле во радиус од 500 метри буквално биле збришани од лицето на Земјата, а разорната бомба уништила 90% од градот. Додека пламените голтале се пред себе, 45 минути по експлозијата над градот почнал да паѓа „црн дожд“ од радиоактивни честички.

Три дена подоцна, САД фрлиле уште една бомба наречена „Дебелиот човек“ на градот Нагасаки каде што настрадале над 74 илјади луѓе, по што Јапонија била приморана да потпише капитулација и со тоа бил ставен крај на крвавата Втора светска војна која што завршила две седмици подоцна, на 2-ри септември 1945-та година.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1