Нов смртен случај и нови 26 заболени од корона вирусот во земјава за изминатово деноноќие. Вкупната бројка на инфицирани од опасниот вирус се искачи на 285.
Министерот за здравство Филипче на својот Фејсбук профил информираше дека утринава починал 79-годишен пациент од Дебар. Пациентот е дијагностициран позитивен на Ковид-19 на 23 март, а со влошена здравствена состојба хоспитализиран на клиниката во Скопје на 25 март. Дополнително, од Инфективната клиника во Скопје денеска се испишани уште 9 пациенти – 8 од Дебар и 1 од Скопје, со што вкупната бројка на излечени пациенти изнесува 12. За тоа од кој град се новозаболените, од министерството ќе известат дополнително.
Од денеска во Скопје за тестирање од корона е ставен во употреба и пунктот во Поликлиниката во Чаир. До крајот на неделата треба да биде отворен и уште еден пункт во Млин Балкан. За истиот период се очекуваат дополнителни два пункта на располагање во некои од другите градови ширум земјава.
Здравствените власти засега не го менуваат пристапот за тестирање на сомнителните пациенти. Остануваат опциите за контакт на дежурните епидемиолози во центрите за јавно здравје и консултациите со матичните лекари. Тие преку соодветни прашалници ја проверуваат здравствената состојба на своите пациенти и одлучуваат дали е неопходно да се тестираат за КОВИД-19.
И техничкиот премиер Спасовски со апел до граѓаните – ако имаат симптоми вообичаени за корона вирусот како температура, кашлица и тешкотии во дишењето, веднаш да се јават на својот матичен лекар.