Италијански лекар кој се разбудил од кома и сфатил дека му исчезнале дванаесет години од сеќавањето раскажа за весникот „Ла Република“ за својата борба да се привикне на нормалниот живот по ова невообичаено искуство.
Лекарот Пјерданте Пичони настрадал во тешка сообраќајна несреќа на 31 мај 2013 година. Бил во кома осум часови , а кога се разбудил мислел дека е 25 октомври 2001 година. Не можел да се сети на ништо по тој датум.
Пичони се присетува на шокот кога ја здогледал својата сопруга, одненадеж за него многу постара, „со друга боја на косата и со брчки“. Наместо двата сина, момченца на 8 и 11 години, во посета му дошле двајца „возрасни мажи со бради“.
„По два дена дојдов до огледалото во тоалетот. Кој е овој старец? Потоа прашав зошто родителите не ми доаѓаат на посета. Беше болно „сознанието“ дека мајка ми починал три години претходно“, вели Пичони.
Морале да му објаснуваат зошто во Италија се плаќа со некакви евра а не со лири, да го научат како да користи смартфон, а морал и повторно да оди на факултет да проучи колку медицината напредувала во тие 12 години коишто му „недостигаат“ во меморијата.
Откако се разбудил од комата, цело време во надеж дека одеднаш „ќе му светне“, семејството на Пичоне му покажува фотографии, филмови и натпревари од периодот на кој не може да се сети и го водат на местата кои не ги памети.
„Се уште не губам надеж дека моето „складирање на податоците“ не е избришано, туку дека е само шифрирано и дека некаде ќе ја пронајдам лозинката“, вели во разговорот.
Пичони одбил инвалидска пензија и, победувајќи ги скептицизмот на неговите колеги, од 1-ви февруари годинава се вратил на работата како лекар во итната медицинска служба во Кодоња, гратче 60 километри југоисточно од Милано. За „Ла Република“ изјави дека водењето на дневник му помогнало во тешките моменти, вклучително и нападите на депресија, дека мисли да го преточи во книга.