Шест деца на возраст од 12 години, сите ученици во основното училиште „Kирил Пејчиновиќ“ во тетовското Теарце, истепале 11-годишен соученик, завчера во училиштето.
Според полицијата, насилството се случило во 9 часот, во дворот на училиштето. Децата-насилници без никаков повод и причина го нападнале 11-годишникот. Тие го удирале со клоци и тупаници по телото и главата. Полицијата истиот ден ги идентификувала учениците и во присуство на нивните родители бил извршен разговор. Бидејќи станува збор за деца, за насилството ќе одговараат нивните родителите, па полицијата им издала налози за наплата на глоба. Според Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, тие ќе треба да платат парични казни од 600 до 800 евра поради занемарена грижа за детето што направило прекршок утврден со Законот.